fbpx
Вести

Демир Kапија добива две нови мини-хидроцентрали

Две мини-хидроцентрали ќе добие општина Демир Kапија по пат на јавно-приватно партнерство со капацитет од по 2 мегавата инсталирано производство на електрична енергија. Едната од нив на реката Бошава веќе се гради, иако во моментов работите малку паузираат поради приоритетот на наводнувањето, а таа на реката Дошница допрва ќе почне со изградба по завршување на сезоната за наводнување или во септември.

demir kapija dobiva dve novi mini hidrocentrali

 

Откако по пат на јавно-приватно партнерство беа изградени пет мини-хидроцентрали во Kавадарци, сега кавадаречката подружница на АД „Водостопанство Македонија“ по истиот принцип пристапи кон реализација на проектот за два вакви објекта, и тоа „Дошница 3“ и „Бошавица“. Приватните партнери се од Македонија.

– Со изградбата на мини-хидроцентрала на реката Дошница ќе имаме повеќенаменско користење на водните ресурси на реката во нејзиниот долен слив во атарот на општината Демир Kапија и тоа кај селото Чифлик. Нејзиниот капацитет ќе биде производство на 960 киловат-часови електрична енергија – појаснува Љубе Димов, кој е директор на подружницата „Тиквеш“ од Kавадарци.

Во случајот со другата мини-хидроцентрала, за енергетски потреби ќе се искористува водата од хидромелиоративниот систем за наводнување „Бошава“.

– Со изградбата на еден ваков објект ќе се зголеми искористеноста на хидролошкиот потенцијал на сливот, ќе се зголеми степенот на искористеност на хидросистемот и ќе има подобрување на техничко-економските елементи. Од една страна, ќе се добива електрична енергија, а од друга, ќе се задоволат и потребите од водоснабдување и наводнување – нагласува Димов.

„Бошавица“ е замислена како проточна хидроелектрана со цевковод под притисок, која ќе ги користи водите од река Бошава. Водата ќе се зафаќа од реката Бошава, а потоа со цевковод во должина од 1.872 метри ќе се носи до машинската зграда. Енергетски искористената вода ќе се враќа во речното корито на реката. Предвидени се две турбини, од кои едната со номинална моќност од 246 киловати, а другата од 683 киловати.

За ова да се реализира, претходно беа потребни неколку зафати за реконструкција на т.н. тиролски зафат и на каналот на реката Бошавица.

– Инаку, хидромелиоративниот систем „Бошавица“ е изграден за наводнување 400 хектари обработливо земјоделско земјиште. Има разгранета мрежа од земјени канали во должина од 5.500 метри. Со новиот проект кој опфаќа енергетско искористување на водата, всушност, се предвидува повеќенаменско користење на доводот. Покрај добивањето на струја, ќе се зголемат површините што ќе можат да се наводнуваат за речиси 300 хектари. Значи, вкупно 700 хектари ќе можат да користат вода за наводнување – појаснува Димов.

Имајќи предвид дека претходно беа изградени 9 мини-хидроцентрали во Kавадаречко, со овие две, плус една што се гради во Росоманско, бројот на вакви објекти со кои се добива струја од обновливи извори на енергија во овој крај се зголемува на 12.

Инвестицијата тежи 4 милиони евра

Вкупната инвестиција за двете мини-хидроцентрали изнесува околу 4 милиони евра. Според договорот, приватните партнери ќе ги користат објектите 30 години, по што тие остануваат во сопственост на АД „Водостопанство на Македонија“.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close