вестиМакедонијаТоп вести

 Одгледувањето  магариња нуди шанса за нов сериозен и профитабилен бизнис

Некогаш познати како тврдоглави и инаетливи магарињата во земјава се дојдени до работ на истребување откако современото земјоделство не може да се замисли без механизацијата.Заради бројните лековити својства во светот е доста ценето и барано е млекото од магарица кое е најслично со мајчиното млеко.

Порано по селата да се има коњ било скапо и ценето додека магарето било синоним за сиромашните рурални средини како добиток за работа кој е многу поевтин за чување. Но оваа слика во последните неколку години целосно се измени во светот и во земјите од опкружувањето. Додека кај нас се прават пионерски обиди и постојат една или две фарми кои почнуваат да одгледуваат магариња заради бизнисот кој се крие во нив, во регионот ова порано го увидоа и се далеку пред нас со десетина фарми кои полека го заземаат пазарот и ги создаваат навиките за трошење на исклучително квалитетното магарешко млеко. Ова искуство и начините на фармерско одгледување на магариња и  молзење во Хрватска на најголемата фарма го изучуваа и македонските ученици преку еразмус плус програмата односно преку проектот рурална иднина и нови можности за рурален развој. Идејата е да се стекнат доволно информации за да се пренесат на оние кои ќе се одлучат за ова производство и кај нас.

-Веќе ја имаме првата успешна приказна на еден повратник од Швајцарија кој почна да одгледува фарма со 40-50 магариња благодарение на овој проект. Од нашите посети во Хрватска на фармата на семејството Цигановиќ многу научивме и целото тоа знаење е во функција да се пренесе на оние што ќе почнат тука да се занимаваат со овој бизнис. Во рамки на проектот се направи и попис на магариња и дојдовме до бројка од околу 800 до 850 единки кои се главно во руралните средини како поединечни животни без посериозен фармски пристап а намерата е да се зачуваат од изумирање, рече Елизабета Ангелеска директор на земјоделско ветеринарното училиште Браќа Миладиновци од Скопско Драчево.

Она што го покажуваат новите трендови веќе магарињата се одгледуваат првенствено за млекото кои се добива од нив а кое има висока цена, потоа за козметика која е доста барана и квалитетна, за развој на рурален туризам и туристички атракции а многу поретко за месо иако и тоа е своевиден деликатес а има и примери каде ѓубривото од магарињата се пелетира и се продава заради тоа што нема миризба. Некогашните инаетливи животни се повеќе заради квалитетните својства на млекото стануваат барани за фарми во многу балкански земји.

Од млекото поретко се прави и сирење за кое се потребни од 21 до 25 литра магарешко млеко за да се добие еден килограм заради помалата содржина на млечна маст но затоа пак цената изнесува од 1000 до 1200 евра по килограм и е со право едно од најскапите сирења за кое во европските земји се плаќа и двојно од оваа цена. Рентабилноста на една фарма со десетина грла може да ја има и само со една молзна магарица. Најрано за една година може да се добие првото млеко и на почетокот целото млеко оди за младото пуле а потоа може да се ,,краде,, по околу 200 до 250 милилитри на ден од една магарица бидејќи повторно мора да се остава дел и за подмладокот. Предноста на одгледувањето на магарињата е тоа што не бараат многу храна и работа и се исклучително отпорни на болести.

Факти кои треба да ги знаете за магарешкото млеко

Магарешкото млеко го пиеле и доста го ценеле древните народи. Денес ова млеко е едно од најскапите бидејќи од една магарица може да се добие за две години млеко колку од една крава за еден ден. Но магарешкото млеко содржи 60 пати повеќе витамин Це од кравјото млеко, во него не содржи никакви штетни бактерии па се пие директно со мало процедување без никаква пастеризација или варење. Магарешкото млеко има најмал процент на млечни масти во однос на сите други млека. Има високо ниво на ензими што го прави природен антибиотик во битката со бактериски инфекции во човечкиот организам. Хиопкрат таткото на медицината зборувал за магарешкото млеко кое треба да се користи за ревитализација на целиот наш организам. Тој ги учел дека магарешкото млеко го јакне имунитетот, ја лекува кашлицата и проблеми со дишните патишта, го чисти џигерот, анемијата. Како што бебе додека цица од мајката е заштитено од болести и има силен имунитет исто така е и со магарешкото млеко.

З.Б.

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close