- КОСЕЊЕ НА ТРЕВНИКОТ ВО ЕСЕН
Искосете го тревникот на некоја средна висина, веднаш штом ќе ви дозволат временските услови. Важно е тревникот да се коси само кога е целосно сув. После тоа, обавезно соберете го откосот, а доколку косете без корпа, тогаш со обично гребло соберете ја искосената трева. Доколку го оставете откосот на тревникот, ќе се создадат услови за појава на болести на самиот тревник и делумно распаѓање.
- ПРИХРАНА НА ТРЕВНИКОТ
Една од најважните активности во есенското одржување на тревниците е прихраната со минерално НПК ѓубриво.Оваа постапка во никој случај не смеете да ја прескокнете, бидејќи во зимскиот период потребно е да се влезе со густ, здрав и зелен тревник. Прихраната се врши со минерално ѓубриво НПК кое споро се разложува и со најголем процент на калиум, помала содржина на фосфор и најмал процент на азот. Најдобро е да се врши со наменски ѓубрива за тревници.
Прихраната е многу важна бидејќи на тој начин се обезбедуваат доволно хранливи материи во тревникот во текот на зимата, а особено калиумот, што е неопходно за одржување на тревникот здрава состојба во текот на зимата (поради големата влажност).
- ДОСЕЈУВАЊЕ НА ТРЕВА
Есента е идеален период за досејување со тревно семе кај оштетените делови од тревникот. Оштетените делови од тревникот треба да се прекопаат, да се поминат со гребло и на тоа место да се посее тревното семе. Најдобро е да се користи семенска мешавина (тревни смески) од која бил претходно формиран тревникот или да се користи наменска мешавина за досејување. Фрленото семе се покрива со хумусна почва, се поминува со валјак и се залева.
Доколку штетите се поголеми, може да се санира со инсталирање на тревен тепих на оштетените места. И за овој начин на санација на оштетениот тревник, есента е идеален период и постапката за подготовка на теренот е иста како и при досејувањето.
- Гриблење НА ТРЕВНИКОТ
Гриблење се врши за да се соберат паднатите лисја, исушената трева и остатоците од искосената трева. Опаднатите лисја што остануваат на тревникот подолг временски период, предизвикуваат гниење на тревникот и е голем проблем за одржување на неговата здрава состојба. Користете го греблото што почесто, за да ги отстранете лисјата.
- ХЕМИСКО ТРЕТИРАЊЕ НА ТРЕВНИКОТ
Доколку на тревникот има индикација за појава на мов или други тревни заболувања, неопходно е да се спроведе хемиски третман со препарати што ги запираат тревните болести и појавата на мов. Оваа постапка треба да се препушти на експерти и стручни лица, за да се спречи уште поголемо оштетување на тревникот.
извор: хортикултура.мк