ОКТА оваа година нема да дели дивиденда
Ланската добивка од три милиони евра ќе се реинвестира, а 8 и пол милиони од претходната година ќе се чуваат, дивиденда нема да има
Ако минатата година се делеше дивиденда од три милиони евра, и тоа на предлог на помалиот акционер, оваа година тоа нема да се случи.
Скопската рафинерија ОКТА, и покрај одличните финансиски резултати, оваа година нема да дели дивиденда, објави faktor.mk
Собранието на акционери на оваа нафтена компанија, кое се одржа во петокот, донело неколку одлуки.
Едната од одлуките е дека добивката која ова акционерско друштво ја оствари во текот на минатата година, а која е на износ од 3,12 милиони евра, ќе биде целосно реинвестирана, односно ќе биде употребена за инвестиции.
„Нето добивката во износ од 191.686.228 денари (3,12 милиони евра – н.з.), ќе биде употребена за инвестиции (реинвестирана добивка). Дирекцијата за финансии се обврзува да ги преземе сите дејствија потребни за спроведување на оваа одлука“, се вели во објавата кое компанијата ја сподели преку Берзата со инвеститорската јавност, а по одржувањето на акционерското собрание.
На истиот ден, односно во петокот, Собранието на акционери донело уште една одлука, а таа е како ќе се намени добивката останата од 2022 година, која требало да се реинвестира, но останала неискористена, и за неа се нагласува дека ќе се распореди во акумулирана добивка, а која е на прилично висока сума, од фантастични 8,63 милиони евра.