fbpx
Без категоријаВестиТоп вести

Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) го објави најновиот извештај “Состојба со пазарите на земјоделски стоки, 2018” ( Тhe State of Agricultural Commodity Markets, 2018)

Со оглед дека климатските промени го преобразуваат земјоделството, меѓународната трговија ќе биде сè поважна за прехрана на светот

 

Отворените, предвидливи и фер глобални пазари на храна можат да помогнат во зајакнувањето на напорите за борба против климатските промени и гладот, вели новиот извештај на ФАО.

17 септември 2018 година, Рим – Со оглед на тоа што климатските промени значително ја менуваат способноста на многу региони во светот да произведат храна, се очекува дека меѓународната трговија со земјоделски производи ќе има се поважен придонес за прехрана на планетата и одговор на појавата на глад како резултат на  климатските проблеми, вели новиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Правилата за меѓународна трговија воспоставени од Светската Трговска Организација (СТО) и поновите механизми кои произлегоа од Париската спогодба за одговар на климатските промени може заемно да се поддржуваат – тврди најновиот извештај на ФАО“Состојба со пазарите на земјоделски стоки, 2018”. За да се постигне ова, можеби ќе треба националните земјоделски и трговски политики да се адаптираат за да се помогне во трансформирање на глобалниот пазар во столб на безбедноста на храната и алатка за адаптација кон климатските промени, се вели во извештајот на ФАО.

Ова е поради тоа што климатските промени ќе влијаат нерамномерно на глобалното земјоделство – подобрување на условите за производство во некои земји, а влошување во други, што ќе ги подели на “добитници” или “губитници” во процесот.

Производството на храна во земјите со ниска географска ширина – повеќето од кои веќе страдаат од сиромаштија, недостапност на храна и неисхранетост – ќе биде најтешко погодено, се вели во извештајот. Во регионите со умерени климатски услови, од друга страна, би можело да има позитивни влијанија, бидејќи топлите временски услови го зголемуваат земјоделското производство.

Според генералниот директор на ФАО, Хозе Грацијано да Силва, за да се спречи проширувањето на јазот во економијата и сигурноста со храната меѓу развиените земји и земјите во развој, “мора да осигураме дека еволуцијата и проширувањето на земјоделската трговија е правична и во функција на елиминирање на гладот, несигурноста на храната и неисхранетоста “.

“Меѓународната трговија има потенцијал да ги стабилизира пазарите и да пренасочи храна од земјите со вишок во дефицитните региони, помагајќи им на земјите да се прилагодат на климатските промени и да придонесат кон безбедноста на храната”, истакнува тој во воведот на извештајот.

“Нерамномерното влијание на климатските промени низ целиот свет и нивните импликации врз трговијата со земјоделски стоки, особено за земјите во развој, ја нагласува потребата за балансиран пристап кон политиките, кои треба да ја зајакнат адаптивната улога на трговијата, истовремено поддржувајќи ги најранливите”, истакнува Грациано да Силва.

Сепак, за да се случи тоа, “неопходни се широки политики”, додаде генералниот директор на ФАО. Потребни се трговски политики кои промовираат функционални глобални пазари, во комбинација со климатски-паметни национални мерки, инвестиции и шеми за социјална заштита.

Трговијата како заштитна мрежа

Многу земји веќе се потпираат на меѓународните пазари како извор на храна, да го надоместат својот дефицит, поради високите трошоци за земјоделско производство (како на пример во земји со ограничени земјишни и водни ресурси), или кога климата и другите природни катастрофи го отежнуваат националното производство на храна.

На пример, во Бангладеш, во 2017 година, Владата ги намали царинските давачки за оризот за да го зголеми увозот и да го стабилизира домашниот пазар, откако силните поплави ги зголемија малопродажните цени за над триесет проценти.

Слично на тоа, Јужна Африка – традиционален производител и нето извозник на пченка – неодамна го зголеми увозот за да го намали влијанието од сукцесивните суши.

Генерално, извештајот на ФАО вели дека отворените, предвидливи и фер меѓународни пазари на храна се важни за трговијата да влијае позитивно врз безбедноста на храната и адаптацијата кон климатските промени.

Сепак, додека подобро интегрираните пазари ја зајакнуваат адаптивната улога на трговијата во поглед на климатските промени, за земјите кои веќе се многу зависни од увозот на храна, тоа ќе ја продлабочи зависноста, се вели во извештајот. Оттука, од голема важност е земање предвид на националните приоритети и цели.

Дополнителни опции за политики

Покрај мерките за интеграција на пазарите, постои уште поширок спектар на пристапи за недискриминирачки политики кои би можеле да се искористат за подобра примена на земјоделската трговија да им се помогне на земјоделците да ја зголемат својата отпорност, да го зголемат производството на храна, да ја поддржат безбедноста на храната и да ги намалат емисиите на стакленички гасови во прехранбениот сектор – се вели во извештајот на ФАО.

На национално ниво, ова вклучува поголеми средства за истражување и развој, за поддршка на земјоделските советодавни услуги за да се поттикне примената на паметни пристапи за справување со климатските промени од страна на земјоделците. Трошењето средства за програмите за животна средина и екосистемските услуги кои ги намалуваат емисиите од земјоделството, исто така, нема да влијаат врз трговијата.

Особено во земјите во развој кои се изложени на ризик од климатски промени, поддршката за земјоделците ќе биде клучна за да им се помогне да станат поконкурентни и да постигнат подобра рамнотежа во извозот и увозот.

Сите овие опции би можеле да бидат усогласени со правилата на СТО, како и со поновите заложби кои произлегуваат од Парискиот договор. Не постои конфликт помеѓу политиките за климатски промени според договорот и мултилатералните трговски правила, се вели во извештајот.

Неодамнешни трендови во глобалната земјоделска трговија

Извештајот, исто така, дава преглед на перформансите на меѓународниот систем за трговија во земјоделството во последниве години и насоката во која се движи.

Додека брзиот раст на земјоделската размена помеѓу 2000 и 2008 година, беше проследен од пад во текот на 2009-2012 година, а потоа и слаб раст, вредноста на трговијата со земјоделски стоки значително се зголеми помеѓу 2000 и 2016 година – од 570 милијарди долари до 1.6 трилиони долари.

Голем дел од овој раст беше поттикнат од економската експанзија во Кина, како и зголемената глобална побарувачка за биогорива.

Дополнително, уделот на новите економии во глобалната земјоделска трговија значително се зголеми, со зголемување на приходите по глава на жител и намалените нивоа на сиромаштија. Ова ја зголеми потрошувачката и увозот на храна и доведе до раст на земјоделската продуктивност, поттикнувајќи го извозот на храна, не само на пазарите во индустријализираниот свет, туку и во другите земји во Глобалниот Југ.

Додека традиционалните лидери во извоз на храна, како Европа или САД, остануваат на врвот, новодојдените ја предизвикуваат нивната превласт.

На пример, помеѓу 2000 и 2016 година, Бразил го зголеми својот удел во глобалната трговија со храна од 3,2 на 5,7 отсто, Кина скокна пред Канада и Австралија да стане четврти најважен земјоделски извозник во светот, а Индонезија и Индија го зголемија нивниот извоз на земјоделски производи поставувајќи се меѓу првите десет светски извозници на храна (8. и 10. место, соодветно).

Во истиот период, комбинираното учество во вкупната вредност на извозот на САД, Европската унија, Австралија и Канада се намали за десет процентни поени.

 

Прочитајте го Извештајот:

 

The State of Agricultural Commodity Markets, 2018

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close