Османи: Степенот на искористеност на средствата од ИПАРД е поразителен

(Oвој напис е објавен на: August 23, 2017)

Денес Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања заедно со Министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски беа во посета на успешен проект реализиран со средства од ИПА, и тоа компонентата бр 5 ИПАРД 2007-2013, проект за модернизација и опремување на Фитосанитарната лабораторија, при Институтот за Земјоделие.

„Средствата од ИПАРД 2007-2013, наменети за рурален развој и унапредување на земјоделство, како една од компонентите од ИПА, имаат најмал степен на искористеност на средствата. Од вкупно 67.7 милиони евра, договори се склучени само за 18,1 милион евра, а исплатени уште помалку, 11,1 милион евра. Со тоа степенот на искористеност на овие средства е само 27% што е поразително.“ – изјави Османи при посетата.

Тој додаде дека и покрај поразителните резултати, Фитосарната лабораторија која денес ја посетија со Министерот за Земјоделие Николовски  е успешно реализиран проект, во кој јасно можат да се препознаат придобивките од успешната реализација на ИПА средствата. „Околу два милиони евра, пари на даночните обврзници од земјите членки на унијата, се потрошени на опрема, обуки, осовременување на процедурите, зголемување на ефикасноста итн. Со тоа, оваа лабораторија не само што стана најдобра во државава, туку е и една од водечките во регионот“, посочи Османи.

Вицепремиерот Османи порача дека токму поради овие придобивки, тој како Национален ИПА координатор задолжен за координација и надзор на ИПА средствата, но и заедно со ресорниот министер Николовски, задолжен за реализација на проектите финансирани од ИПАРД, во претстојниот период, ќе се посветат за промена на овие состојби. Предизвиците кои се идентификувани при реализација на ИПА средствата во ИПАРД, веќе се дел од извештајот за пресек на состојбите со ИПА средствата, и истите ќе бидат адресирани во новиот Мастер план за реформа на ИПА структурата.

„Во новиот ИПА Мастер план ќе предвидиме мерки и активности за надминување на предизвиците и за унапредување на апсорпционата моќ на државата за средствата од ИПА и ќе ги отстраниме пречките за поефикасна реализација на истите.“ изјави на самиот крај Османи, додавајќи дека успешната апсорпција на ИПА средствата станува врвен приоритет не само на Секретаријатот за европски прашања, туку и на целата Влада.