fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Основните прехранбени производи без ДДВ, се очекува намалување на малопродажните цени

Бектеши апелира до граѓаните да побараат фискална сметка во маркетите со која ќе видат дали овие производи се со нула проценти ДДВ.

Дел од основните прехранбени производи од вчера се продаваат со нула проценти ДДВ, а од минатата недела намалени се и маржите. Без ДДВ се продаваат лебот, брашното тип-400, млекото со масленост од 2,8, од 3,2 и од 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, месото и други кланични производи за јадење, белиот ориз и јајцата.

Министерот за економија Крешник Бектеши апелира до граѓаните да побараат фискална сметка во маркетите со која ќе видат дали овие производи се со нула проценти ДДВ.

– Апелираме до граѓаните да си ја побараат својата фискална сметка во маркетите, порача Бектеши на „Фејсбук“.

Укинувањето на ДДВ-то за основните прехранбени производи е резултат на измените на Законот за ДДВ, предложени од Министерството за финансии како дел од 26-те антикризни мерки за справување со тековната ситуација предизвикана од руско-украинската криза.

– Ќе истакнам повторно, никој не вели дека ќе биде лесно, но стоиме зад тоа дека ќе има борба, од Владата, за да граѓаните што помалку ги почувствуваат притисоците од руско-украинскиот конфликт. Тоа впрочем го докажавме и со антикризните мерки за време на пандемијата со кои значително беа амортизирани ефектите врз економијата и за кои добивме најдобри оценки од меѓународните финансиски институции, напиша министерот за финансии Фатмир Бесими на „Фејсбук“.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close