fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Откупот на градинарските производи од Струмичко тече без проблеми, земјоделците и трговците задоволни

Во Струмичкиот регион почна бербата на пиперката „куртовска капија“ засеaна под пластеници и веќе се извезени првите количини, информираат откупувачите.

-Откупната цена е 40 денари за килограм и има голема побарувачка, како од пазари на Балканот, така и од Европската Унија, вели Благој Витанов, откупувач од Струмица.

Според него, годинашнава сезона на раноградинарски култури и бостан поминува добро и за земјоделците и за трговците, со стабилни цени и без поголеми нарушувања на понудата и побарувачката.

-Завршува бербата на лубеницата која беше засадена порано и откупната цена е 8 до 10 денари за килограм. Дињата се откупува за 15 денари за килограм, а единствено имаме проблем со пласманот на доматите. Откупната цена се движи од 15 до 20 денари за килограм, но во моментот на многу пазари се нуди сопственото производство и интересот за нашата е слаб. Зелените пиперки, во зависност од квалитетот, се откупуваат од 20 до 30 денари за килограм, информира Витанов.

Додава дека добра цена има десертното грозје. Црното се плаќа 50 денари, а за белото 80 денари за килограм.

Откупувачот Ацо Стоилков потврди дека има интерес за пиперката „куртовска капија“, која се откупува за 40 денари за килограм. Покрај неа има интерес и за сливата „чачанка“, која се откупува за 30 денари за килограм.

Ристо Велков од Сојуз на синдикат на земјоделски производители смета дека откупните цени и пласманот на производите, кои сега се нудат на пазарот, се добри и потенцира дека за разлика од лани лубениците имаат повисока откупна цена.

Според него, добрите откупни цени се должат на намаленото производство и засега само производителите на домати се соочуваат со мали проблеми во пласманот.

-За десетина денови се очекува да стаса вториот производствен турнус на доматите, за кои ќе има поголем интерес. Радува фактот што има откуп на корнишоните, кои се плаќаат 40-50 денари за килограм, рече Велков.

Додаде дека земјоделците очекуваат трендот на исплатливи откупни цени да продолжи и во наредниот период, посебно кога ќе почне масовно да се бере пиперката „ајварка“ во сезоната за подготовка на зимница.

Извор: Либертас

Слични написи

Back to top button
Close