Вести
Откупот на тутунот ќе заврши пред законскиот рок
Откупот на тутунот од годинешната реколта се очекува да заврши во текот на јануари, два месеца пред законскиот рок.
Иако деветте тобако-компании како откупувачи склучија договори за 26.000 тони тутун, сепак, според сите прогнози, ќе има потфрлување од пет илјади тони заради временските прилики оваа пролет. Но, за утеха на тутунарите, тие постигнаа одличен квалитет и просечна цена од 208 денари за килограм предаден тутун, што откупувачите го плаќаат во законскиот рок од три до седум дена.
– Моментално се откупени 15 милиони кг тутун со просечна цена од 208 денари, исплатата се врши навремено и проблеми немаме на откупните пунктови и се надеваме дека имаме пет до шест милиони кг тутун – рече Кире Неделковски, претседател на Сојузот на тутунските здруженија во Македонија.
– Годинава со цената сме задоволни зашто и квалитетот е многу поубав а јас постигнав негде 207 денари просечна цена – рече Панде Божиновски, тутунар од битолското село Логоварди.
Претставниците на Сојузот на тутунарите велат дека оваа успешна откупна година ги зголемува нивните амбиции за да се направат промени во Правилникот за откуп на тутунот и да ги намалат разликите во класите, што индиректно ќе ја зголеми откупната цена.
– Наскоро, Сојузот на тутунските здруженија ќе има преговори со Владата и со Министерството за земјоделие за донесување на новиот правилник, од каде што се надеваме дека ќе издејствуваме на разликата во цената на класите и зголемување на цената на тутунот – рече Неделковски.
Во моментов за откуп остануваат уште пет до шест илјади тони тутун, главно во Прилепскиот регион. Годинава со тобако компаниите договори имаа потпишано 27.000 кооперанти и откупот се реализира на 137 пунктови со 187 ваги.