Откупувале зеленчук, a немале лиценци
Неколку откупни пунктови за зеленчук и за овошје во Струмичко се затворени од инспекциските служби при Министерството за земјоделство. Тие деновиве вршеле контрола на работата на фирмите кои се занимаваат со откуп. На откупувачите им била изречена привремена мерка за забрана за вршење на откуп, се до отстранување на констатираните недоследности. Информациите ги потврдија и во Министерството, но не прецизираа колку компании добиле забрана за вршење откуп.
“Кај дел од откупувачите е констатирано непочитување на Законот за земјоделство и рурален развој. Фирмите не извршиле упис во регистарот за откупувачи и немаат лиценци за откуп на земјоделски производи. Станува збор за времена мерка. Наложено им е да извршат упис во регистарот, во спротивно, нема да им се дозволи да вршат откуп”, ни изјави Соња Трајковска, портпарол во Министерството.
Земјоделците, при минатонеделните протести, од државата бараа поголема контрола на трговците и откупувачите кои, според нив, биле главните креатори на ниските откупни цени на зеленчукот.