fbpx
ВестиВкусот на традицијатаМакедонијаРурален туризамТоп вести

Незаменливиот вкус и мирис во „Вила Бутлевски“

Ако ве исполнува мирисот на печено лепче и традиционално зготвена храна надополнета со топло добредојде од љубезни домаќини посетете ја „Вила Бутлевски“. Место каде ви се отвора душата уживајќи во рајска убавина и каде   за момент ќе посакувате да застане времето.

До рајската убавина на „Вила Бутлевски“ на потегот меѓу Потпелистерските села Кажани и Ѓавато води убав асфалтиран пат. Сместена е во прекрасното опкружување на Баба Планина на надморска висина од над 800 метри. Верица и Михајло Бутлевски овде ги поминуваат пензионерските денови кои се исполнети со многу активности онака како што отсекогаш посакувале. Ги посетивме и лично се уверивме во сето она што Верица ни го кажуваше кога ја договаравме нашата средба.

 

-Отсекогаш сакав да имам куќичка во планина, простор што сама ќе го уредам. Порано се занимавав со хортикултура и овде продолжив. Како што може да видите овде има многу цвеќиња и градина каде нема што нема. Секаков вид  овошје и зеленчук, кои сама ги одгледувам и од нив правам одлични специјалитети, ни раскажува Верица, покажувајќи наоколу задоволна од сработеното.

Плодовите се толку убави и сè е така средено што би ѝ позавидел и некој голем земјоделски производител. Верица вели дека никогаш не се занимавала со земјоделие, ама кога човек сака нешто ќе најде начин како да го стори и тоа.

 

-По природа сум љубопитна и читам многу книги, барав на интернет така што сега во мојата градина нема што нема: пиперки, домати повеќе врсти, прокељ, кељ, цвекло, кромид, праз, црни патлиџани, грав, компир, карфиол, јаготки, малини, аронија, гоџи бери, пилиња и се разбира многу зачински билки за кои не применувам никаква хемија, органски ги одгледувам. Со задоволство уживам во тоа. Ми се полни душата кога од зрнце семе добивам прекрасни плодови, вели Верица.

 

Таа е вљубеник во македонската традиционално подготвена храна. Сега е сезона на зимница и таа онака како што зреат плодовите и ги приготвува. До сега на рафтовите во нејзината остава има наполнето 200 тегли со пиперки на најразлични начини, ајвар, доматна салца, лутеница, различни видови на слатко, сокови, компоти, а оваа година и ликер од повеќе видови овошје. Покрај ова прави и сушен зеленчук и овошје со помош на дехидратор кој го добила од својата ќерка која во моментот живее во Америка. Оваа година беше богата со печурки особено вргањ.

Нејзиниот сопруг  ги бери од планината, а таа дома ги суши и става во тегли со маслиново масло или пак само сушени. Сакајќи да го почувствуваме мирисот и вкусот на традиционална храна таа за „Зелена берза“ подготви  македонска трпеза  со јадења зготвени со плодовите од нејзината градина. Пиперки печени со лукче, пиперки пржени со доматна салца, обарени тиквички, брокула и моркови потурени со маслиново масло, чорба од вргањ, печена препелица и секако домашно лепче. За нашите читатели ни го откри рецептот за Чорба од вргањ – кралот на печурките.

Рецепт за Чорба од вргањ – кралот на печурките

– 200гр сушен вргањ,

– по 50 гр сушен целер, морков, праз, кромид

-2-3 суви црвени пиперки.

Се вари на тивок оган во тенџере покриено со капак. Се додава малку масло, сол и бибер и се вари додека печурките и зеленчукот не омекнат.

Верица е голем хуманист. Член е во најстарата женска организација „Организација на жени на Општина Битола“ за што доби  благодарница „Хуманист за 2018 година“. Дружељубива е и сака да помага. Од она што го подготвува ако некој сака може да купи,  а на оние што немаат, таа им подарува. Вљубеник е во природата и вели дека треба ја чуваме, оти  колку повеќе ја чуваме толку повеќе таа ќе ни врати здрави плодови.

-Ако успеам денес на некој да му го направам денот да му биде убав и да му ја видам насмевката на лицето јас сум пресреќна во животот. Желба ми е „Вила Бутлевски“ да биде посетена и да можам на посетителите да им ги готвам оние наши традиционални јадења овде во фурната, и да ја почувствуваат оваа природна убавина. Да им ја доловиме нашата традиција која треба ние сами да ја сочуваме за да може да се презентира. Сакам да експериментирам и во нашата вила секогаш правам некои новитети и секогаш местото е поинакво. Би сакала да го споменам и семејниот ручек  и апелирам до сите, да го практикуваат без оглед на немањето време бидејќи со него се постигнува хармонија во семејството која верувам дека секој ја посакува, рече Верица, која задоволна од нашата посета не покани на повторна  дружба во „Вила Бутлевски“.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close