fbpx
Вести

Јагнињата се извезоа, сточарите во загуба!

jagne

Извозот на јагниња пред Велигден заврши, но годинава со драстично пониска откупна цена од лани. Сточарите велат дека за разлика од лани кога за килограм јагне се плаќало 175 денари, годинава откупната цена е намалена на 100 до 120 денари. Дополнително, сточарите немаат земено ниту субвенции за да можат да ја компензираат ниската откупна цена, оти исплатата е сеуште заглавена во Министерството за финансии. Сточарите велат дека поради ниските откупни цени ќе бидат принудени да продаваат дел од овците за да можат да ги покријат трошоците. А наспроти ниските откупни цени, цените продажната цена на јагнешкото месо во месарниците се движи од 300 до 360 денари за килограм

„Состојбата оди на полошо не на подобро. Откупната цена лани 175 денари годинава 120 денари, ние изгубивме по 1 евро од јагне.Од друга страна цената на чинење е 150 денари, како ние да ги покриеме трошоците, немаме земено ниту субвенции, оти нели исплатата е стопирана. Со оваа цена ние сме во загуба. Јас имам 4.000 овци ќе мора 1.000 овци да продадам за да можат да ги платам врабоените, да ги покријам другите трошоци меѓу кои и давачките кон државата. Жално е да се гледа како се уништува оваа извозно ориентирана гранка. Со откупна цена од 150 до 160 денари, со навреме исплатени субвенции, ако имате 150 овци, може солидно да се живее. Вака со ниските цени, бројот на овците само ќе се намалува. Вината е кај министерот за земјоделство, кој требаше да разаговара и да не дозволи кланиците да направат монопол, тие ќе се седнат ќе се договорат за цената нека биде 110-120 денари и сите со таа цена одат“, вели Меџит Алити, претседатл на здружението на одгледувачи на овци.

Дел од земјоделските здруженија велат дека оваа година ќе биде тешка за одгледувачите на овци, а причината за ниската откупна цена ја лоцираат во недостигот на конкуренција и монополскиот откуп.

„Главна причина што килограм живо јагне се откупува за смешни цени е недостатокот од конкуренција, или поточно веќе воспоставен монопол од еден откупувач во еден регион. За да се спречи појавувањето на било каква конкуренција, која би понудила пофер цена за нашето надалеку прочуено јагне, се вршат разни опструкции, притисоци, одбивање на услуга за колење во најблиските кланици, со што на секој начин би се спречил обидот да се продадат јагнињата на друг откупувач. Една од можноститеда се заштитат сточарите е самостојно организирање во поголеми групи на сточари кој со своето производство од поголем обем би можеле да настапуваат на пазарот како деловни субјекти, и да го договараат своето производство за однапред договорен откупувач од стран“, вели Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение Агро Фаланга.

Од кланиците велат дека најголем дел од јагнињата традиционално пред христијанскиот празник Велигден се извезуваат во Италија, Грција, Хрватска, Бугарија, Србија, Црна Гора и Швајцарија. Потврдуваат дека цената за јагнињата е ниска но причината како што велат е слабата потрошувачка моќ во земјите каде што извезуваат.

„Јагнињата и годинава се извезоа во Грција, Италија Храватска. Цената на јагнињата оваа година се ниска поради економската криза во земјите каде што извезуваме односно поради тоа што во овие земји е опадната потрошувачката моќ“, велат од кланицата „Стокопромет“.

Според податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство од почетокот на годинава досега, се извезени 120.897 јагниња, односно 1.264.554 килограми јагнешко месо.Ова е повеќе од лани кога пред Велигден се извезле 114 илајди јагниња, но помалку од 2015 година кога биле извезени над 150 илјади јагниња.

„ Извозот на јагнешко месо од Република Македонија се врши без никакви проблеми, согласно законските процедури, исклучиво од одобрени кланици за извоз на пазарите во Европската унија, под постојана контрола од страна на официјалните ветеринари. Најголемите количини јагнешко месо традиционално и годинава се извезени на италијанскиот пазар каде завршиле 69.928 јагниња, грчкиот е втор по големина пазар каде македонските извозници пласирале 18.675 јагниња.На пазарот во Хрватска пласирани се 15.359 јагниња, во Црна Гора 3.289 јагниња, во Бугарија 8.213 јагниња, на пазарот во Србија се извезле 4.573 јагниња, а во Швајцарија се извезле 300 јагниња“, велат од Агенцијата.

Се намалува бројот на овците

Овчарството е една од извозно ориентираните земјоделски гранки, која носи девизен прилив од 11 до 15 милиони евра. Познавачите велат дека со искористување на природните ресурси и со зголемување на бројот на овци, девизниот прилив би достигнал и до 40 милиони евра годишно. Но и покрај погодните географско-климатски услови со над 54% пасишта од вкупната земјоделска површина, овчарството бележи тренд на постојано намалување.Од година во година бројот на овци постојано се намалува. Според статистичките податоци во 2008 година имало 817.000 овци, а во 2015 година бројката е намалена на 70 илјади овци. Но сточарите велат дека реално на терен бројот на овци не е повеќе од 400 илјади, со тенденција за намалување поради ниските откупни цени и нередовната исплата на субвенцииите.


 

фактор.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close