Оваа недела во владина процедура новиот оглас за доделување 4.400 хектари земјоделско земјиште
Министерството за земјоделство во моментов има јавни повици за повеќе мерки од програмите за рурален развој кои се отворени до 20 мај.
Во Платежната агенција се пристигнати над 2.300 барања за дополнителни субвенции за набавка на вештачко ѓубриво и тие оваа недела ќе бидат исплатени зашто нашата цел е земјоделците редовно, на неделна основа, да имаат дополнителни приходи кои се неопходни во време на раст на трошоците, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по средбите со земјоделците од битолскиот дел на Пелагонија, каде ги презентира мерките и политиките за поддршка.
Оваа недела, додаде Николовски, во владина процедура влегува и новиот јавен оглас за доделување околу 4.400 хектари земјоделско земјиште – до три хектари во сите региони низ државата.
-Наша цел е што поголем број земјоделци да аплицираат на објавените повици, а информациите од терен потврдуваат дека интересот е голем и тоа е резултат на заедничката соработка со земјоделците, бизнис секторот, науката и останатите партнери со кои го креиравме националниот план за производство на храна. Ги повикувам земјоделците да ги следат сите информации, а и ние директно на терен ги доближуваме до нив за да ги користат сите инструменти што ги нудиме. Мај го нарековме месец на земјоделството и затоа сме на терен со земјоделците, а не во канцеларија, истакна министерот.
Министерството за земјоделство во моментов има јавни повици за повеќе мерки од програмите за рурален развој кои се отворени до 20 мај.