Овчарството подеднакво тешко како и рударството
Јагнињата на Пелистер не стивнуваат, најбараното сирење е од трлото на сточарот Филота Ѓеоргиев од потпелистерското село Трново.
Неколку недели стари јагниња безгрижно подрипнуваат низ шталата додека овците ги излачуваат надвор во трлото за да се нахранат и напијат водат. Живо и исполнето со позитивна енергија е во шталата на Филота Ѓеоргиев од потпелистерското село Трново.
Милина ти ја исполнува душата од стотината јагниња кои ти будат чувство на задоволство, пријатност и уживање.
Филота (65) е сопственик на фармата Агро Ва-Ни, тој е пензионер, долги години работел во рудникот „Суводол“ во РЕК Битола и за овчарството вели дека е „подеднакво тешко како и рударството“.
-И одгледувачите на овци и рударите се изложени на ризик, непредвидливи моменти и потешкотии, вели нашиот искусен сточар.
Семејството Ѓеоргиеви од секогаш се занимавало со сточарство. Од дедо прадедо фамилијата на Филота чувала овци. Така е и денес.
Во фармата сместена под селото Трново се огледуваат преку 330 овци и над 160 јагниња. Овците ги чуваат девет големи Шарпланинци, мелези, верни чувари на стадото. Обврските со овците траат од рано сабајлето до доцна навечер вели нашиот домаќин.
-Од секогаш, од кога паметам, мојата фамилија чувала овци. Нашата фарма беше над селото Трново, не можевме да ја легализираме, бидејќи беше во населено место, ја префрливме пред 5 години, во објект од „Фарма Дихово“ на површина од 1300 м2. Се задолживме со кредити со цел да инвестираме. Сега тука ни е поубаво, зад фармата имаме и пасиште и сме најголемите одгледувачи на овци во овој дел. Одгледуваме неколку сорти, источно-фризиски, хиос, винтерберг, едните се повеќе на месо, другите се млечна сорта, раскажува Филота додека ги храни јагнињата и овците.
Овчарите, молзењето и стрижењето на овците се најголемата мака на сточарите
Голем проблем за одгледувачите на овци е да најдат овчари, кои меѓу другото ќе бидат искусни и ќе знаат да ги молзат овците.
Рачно се молзат сите овци во шталата на Филота, зошто како што вели, системот за молзење е скап, чини над 15 илјади евра и покрај исплатата на кредитот за фармата не се во можност сега да го набават.
-Рачно ги молзам, тешко е многу, рамењата ни паѓаат со молзењето. Лани аплициравме за грант, ама не ни одобрија средства за молзилиште. Тешко е да се најде човек за молзење. За тоа ни треба помош од државата, тоа е инвестиција со која ќе одиме напред, вели сточарот.
Тешко се продава и волната, Филота вели дека нивната стои пакувана во вреќи, зошто нема кој да ја откупи по пристојни цени. За килограм волна откупувачите плаќаат по 10 денари, а само за стрижење на една овца сточарите плаќаат по 50 денари.
-Нема есап, од една овца добиваме по 2 килограми волна, а само за стрижење по глава плаќаме 50 денари. Неиздржливо е, се жали Филота.
Во трлото на Агро Ва-Ни се прави највкусното овчо сирење
Сопругата на Филота е мајсторот за правење на сирење. Во Битолско, потпелистерското сирење е едно од највкусните и најбараните сирења во регионот. Семејството е добро опремено со просторија за преработка, просторија за вриење на сирењето и ладилник. Годишно произведуваат над 2400 килограми овчо сирење. Млекото се контролира во лабораторија два пати во месецот, а потоа и готовиот производ. Секој литар млеко од фармата се преработува и не се предава во млекарниците.
-Годишно правиме преку 200 канти сирење и целото ни се откупува. Муштериите не познаваат, сигурни се во нашиот квалитет и доаѓаат од дома да го купат. Продаваме исклучиво превриено сирење, откако ќе преврие се чува на температура од 5 степени. Рестораните се наши редовни купци, а гостите штом ќе го вкусат нашето сирење прашуваат и доаѓаат кај нас да си купат за дома, раскажува нашиот соговорник.
Јагнето најбарано пред Велигден
Пред нас е верскиот празник Велигден, кога на трпезите на македонските граѓани традиционално се готви јагнешко месо. Цената во март достигна 150 денари килограм за јагне жива мера. Со оглед на ситуацијата во Италија со новиот вирусот и имајќи во предвид дека е најголемиот традиционален пазар за македонското јагне се очекува годинава цената драстично да порасне пред празникот.
Филота вели дека лани не биле задоволни од откупната цена на јагнето, но дека преку Сојузот на одгледувачи на овци за 2019 година, се избориле за интервентна мерка, државата да им субвенционира 400 денари по јагне предадено во регистрирани кланици. Оваа година зависно од постигнатата цена, ќе се знае дали сточарите повторно да очекуваат помош од државата како интервентна мерка.
-Државата ни ги исплати субвенциите минатиот месец, и тие дојдоа кај нас, одгледувачите на овци, во вистинско време кога ни се најпотребни, за да можеме да продолжиме. Добивме 1100 денари за секоја овца. За секое сочувано јагне добиваме по 700 денари. Ние сме задоволни, бидејќи со тие пари го плаќаме кредитот за фармата, што значи инвестираме во неа. Без помош од државата тешко дека овчарството ќе опстои, заклучува Филота во разговор за „Зелена берза“.
Анета Блажевска