fbpx
ВестиТоп вести

Памукот, конопот и ленот исчезнаа од македонските ниви

Шеќерна репка, сончоглед, афион, соја, лен, памук, сусам, маслодајна репка се помалку се произведуваат во нашата земја. Некои од овие индустриски култури се комплетно исчезнати од македонските ниви, некои се помалку се сеат, а површните со некои од нив континуирано се намалуваат или стагнираат. Во периодот од 2007 до 2012 година комерцијално се одгледуваше само дел од маслодајните култури, афионот и тутунот. Влакнодајните растенија (памук, коноп и лен), се целосно исчезнати од производството.

Pamukot konopot i lenot ischeznaa od makedonskite nivi

 

Според агроекспертите причините за оваа состојба се повеќе, но и најзначајни се нискиот принос по единица површина и ниските откупни цени за разлика од преостанатите земјоделски култури. Враќањето на овие индустриски култури на територијата на Македонија би било од огромно значење бидејќи на овој начин ќе се намали увозот на овие суровини од странство, а од друга страна ќе се воспостави рамнотежа во производството на градинарски култури кај кои поради преголемото производство има проблем при пласманот на пазарите. Според податоците од Државниот завод за статистика во 2007 година индустриските култури зафаќале површина од 5.388 хектари, со исклучок на тутунот, кој зафаќал површина од 12.190 хектари. Во 2012 година индустриските култури зафаќале површина од 25.799 хектари, ако се одбијат површините под тутун што изнесуваат 19.656 хектари, произлегува дека преостанатите индустриски култури зафаќале површина од 6.966 хектари или тоа е зголемување за само 135 хектари во однос на 2007 година од што се забележува дека воведувањето на субвенциите не придонело за напредување на производството.

Многу често се споменуваат старите времиња кога на нашите полиња се садело памук, лен, афион, сончоглед и тоа се работело во почвени и климатски услови, кои не одговараат за нивно одгледување. Поради исчезнатите култури од нашите полиња има голем одлив на девизи за увоз на сите овие, како и зависноста од увоз вели Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение „Агрофаланга”.

Според него, ограниченост на увозот или невозможноста за него, ги принудувало старите самите да произведуваат материјали за облека.

Садењето памук не било профитабилно, но тоа бил единствен начин многубројното семејство да се облече. Исто така, во времето на бивша Југославија консумиравме поквалитетен шеќер од наша шеќерна репка. Имавме вработени граѓани во фабриката за шеќер, имавме илјадници земјоделци вработени на полињата што ја одгледуваа репката за потребата на цела Македонија и пошироко, но сега се е мртво. Чекаме некои трговци да ни увезат контингенти од далечните земји, и да ни ја формираат цената по која ќе го засладуваме нашиот чај или ќе го користиме за торти истакна Станковски.

Тој вели дека иако шеќерот од шеќерната трска е далеку со послаб квалитет и со пониска цена од оној од шеќерна репка, сепак ние во маркетите немаме домашен шеќер.

– За сето тоа и за безизлезната ситуација во која се наоѓаат нашите земјоделци, причина е членството во Светската трговска организација (СТО) и сеопфатната глобализација на пазарот, која буквално ги проголтува неконкурентните економии на малите држави. Впрочем, Светската трговска организација не ја измислија малите слаби економии, туку големите развиени држави, за полесно освојување на туѓите пазари нагласува Станковски.

Според него, освојувајќи ги пазарите тие прават буквално разорување, на здравите економски односи во државите, оставајќи илјадници невработени, како во неконкурентните индустрии, така и во земјоделството.

Како држава немаме план и стратегија, и далековидост за сите реперкусии од влегувањето во СТО, и глобализацијата. Решение за овој проблем е повторно одгледување на шеќерната репка, повторно отворање на фабриката за шеќер во Битола, која ќе можеше да обезбеди вработување на 2.000 граѓани (земјоделци и директно вработени) плус транспортери, и железница за превоз на репката, потоа да произведуваме масло за цела држава, Сепак, стабилното наше производство на стратегиските продукти, како што се маслото, шеќерот, брашното, сметам дека е приоритет нагласува Станковски.

Како што вели тој, вработувањето на нашите земјоделци е исто така приоритет, кој долгорочно влијае на благосостојбата на самото наше општество.

Зависноста од увоз е застрашувачка поради можни ембарга, драстични покачувања на цените, поради недостиг на светскиот пазар. Во услови на домашно производство, макар поскапо во моментот, влијае настабиленпазар, невозможност, за недостиг и услови за развој на приватниот сектор смета претседателот на „Агрофаланга”.

Според мислењето на генералниот директор на друштвото за земјоделско производство „Црвени брегови” од Неготино, Никола Аџиев, во блиска иднина некои овие култури како што се ленот, сусамот, афионот, шеќерната репка нема да се одгледуваат на поголеми површини за индустриско производство, се додека не се направи добра стратегија за одгледување на ваквите култури т.е. загарантирани откупи со претходно договорени цени.

– Сончогледот, маслодајната репка и сојата се култури што се одгледуваат, но на значително помали површини во споредба со времето пред 20 години. За да се зголеми површината на овие култури мора да се добиваат поголеми приноси со што ќе се намали цената на чинење и ќе ја намалиме разликата во цени со светските берзи и би станале поконкурентни на пазарот истакна Аџиев.

Како што вели тој, за да се постигнат повисоки приноси, земјоделците мора да располагаат со современа механизација за извршување на сите агротехнички мерки, употреба на заштитни средства, употреба на добри ѓубрива според претходно направени почвени анализи.

– Сметам дека за да се зголемат површините или некои повторно да се одгледуваат потребна е добра стратегија на која сигурно ќе и треба подолг временски период, и се треба да почне од поголемите земјоделски фирми вели Аџиев.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close