fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Пандемијата со Ковид 19 ги загрози продавачите на отворениот пазар во с. Росоман

До лани пазарот во с.Росоман беше не само место за продавање на земјоделските производи туку и туристичка атракција каде се промовираа овошјето, зеленчукот и нивните преработки. Заради корона кризата пазарџиите загрижени за нивниот опстанок.

 

Пазарот во Росоман до лани беше туристичка атракција, но заради пандемијата со Ковид 19 доведено е во прашење неговото функционирање. Жителите од ова село, на отворено ги промовираат домашните производи што сами ги произвеле на своите ниви, почнувајќи од праските и кајсиите па сè до доматите,  пиперките и друг зеленчук кои вообичаено први излегуваат на овој пазар. На тезгите  и импровизираните рафтови се наоѓаат најразлични преработки од овошје и зеленчук, ракија, мастика, разни видови ликери. Порано се бараше тегла ајвар повеќе, но сега, пазарџиите се жалат дека немаат на кој да му продаваат. Овие производи најчесто ги купувале странците, а нив сега ги нема. Зелена берза разговараше со  тезгаџиите на пазарот.

– Порано беше поубаво. Од короната сите бегаат, овде нема заболени ама се плашат, нема луѓе. Од нашите граѓани слабо застануваат овде, а  странците кои најчесто купуваа ги нема. Не знам, ќе видиме какво лето ќе биди ова? Сè продавам, праска, пиперка , краставици, ракија, компир, мастика, кромид, сè е наше домашно производство. Каде да одиме? Странство не можеме, кај да одиме, мора да продолжиме со земјоделие друго чаре нема. За лебот ќе има за другото ќе видиме, рече Роза Бошковска која на овој пазар продава 15-16 години.

Порано на пазарот имало  повеќе пазарџии  сега се останати најупорните. На повеќето од нив земјоделието им е фамилијарен бизнис и од тоа живеат. Покрај немањето  купувачи се жалат и на условите во кои работат.

-Веќе 20 години сè што произведувам продавам овде. Праски, грозје, домати, краставици, пиперки.  Од зимница, ајвар пинџур, секаков вид слатко сè. Немам пензија ниту плата и  мора да продавам, ова е  борба за живот. Порано  се продаваше  повеќе. До пандемијата кога границите беа отворени народот врвеше, купуваше. Сега не, ние сме малку во Македонија, секој сам си прави за себе или ако му дојди кусо,  ќе докупи 1-2 тегли. За странците ова е ситна риба, нема народ. Нема промет, а за тезгата плаќам паушал 10 000 ден годишно и секој ден пазарнина по 50ден, а условите никакви, вели Даница Накиќ.

Сами покриваме, тезгариме, комунална хигиена треба да чисти, ама секој сам си чисти, вели Виолета Ангеловска, која се пожали дека оваа сезона производството  на праски и многу намалено заради  пролетните мразеви.

-Има откуп, ама нема за на откуп. Од 2 декара собравме едвај 50кг праски. Имаме 12 декари , а нема да собереме ниту 2000кг. Од ова  овде живееме. Сами работиме и земјоделци сме и трговци , е сè не бива. Ќе го произведеш, само да го продадеш е најтешкото, а  прекупци има еден куп, додава Виолета.

Земјоделие или трговија, што е поисплатливо?

Сашо Николов е 22 годишно момче кое заради пандемијата не е во можност да оди на своето работно место во кладилница. Нема свое производство па одлучил да се занимава со трговија. Вели дека повеќе се исплаќа трговијата, но   и на трговците не им е лесно.

– Сега е многу лошо од порано, почнаа многу „мучки“ да се прават  и да се подвалува роба. Се краде на вагите, ти дава кило, а фактички се 600 грама, луѓето стануваат свесни и си заминуваат. Јас имам 2 ваги од по 200 евра и мене не ми се дава ама морам ради инспекцијата, а инспекција нема нигде, вели Сашо. Уште полошо ќе биде кога ќе го направат новиот пат. Тогаш народот воопшто нема да поминува овде да пазари, додава тој велејќи дека својата иднина ја гледа некаде нагоре во Германија каде што има роднини.

Стојан Гелов од Росоман се занимава и со земјоделие и со трговија и вели дека  двете по малку се исплатливи.

Лошо е поради оваа болеста, намалено е движењето на луѓето, нема раздвиженост како лани. Продавам праски, кајсии, дињи, лубеници, пиперки. Носам и  на кванташки пазар  во Скопје. Бостанот најмногу се исплати, а кромидот е најтежок. Секоја култура што ќе излезе  рано држи цена. Рано може само ако се  произведува под фолија. Поскапо е ама повеќе се исплатува отколку производство на отворено. Иднината сега за сега ја гледам  во земјоделието,  после како ќе донесе животот, вели Стојан Гелов.

-Два месеца не сум стапнала на пазарот. Сега од месец  јуни почнав. Многу е тешко, еве сефте уште  немам направено. Не се троши, нема луѓе да врват, да купуваат. Не шетаат заради болеста. Порано луѓето од странство  идеа и купуваа сè, сега не. Многу е лошо на пазарот  оваа година, се пожали Бошкова Божана.

 

Драга Лазова  најстарата продавачка на пазарот во Росоман

Драга има 85 години и пандемијата со Ковид 19 не ја плаши. 20 години продава на овој пазар и вели дека дури може ќе продава.

-Фала му на бога можам да работам, се штитам, раце мијам со ракија со жешка вода и сапун, вели Драга.

Се потсетува дека животот порано бил многу поубав и дека парата повеќе вредела.

-Сега не вреди ниту за лебот. Ако не е пензијата на мажот ми ќе нема што да се јаде. Со мажот ми заедно работиме праски, оваа година и лозје, порано и пипер работевме. Ќерка ми доаѓа ни помага. Сега работам и домати под фолија. Речиси ништо не се исплаќа, оваа година како ќе биде…  не знаме. Добар е родот сега за сега, ама нема кој да купува.

Како што рекоа продавачите цените сега за сега се малку подобри од лани. Праската се продава по 30 – 40 ден/кг, а на гајба 250 – 300 ден, додека  во откупни центри по 27 ден/кг. Кајсијата и црешите ги продаваа по 100 ден/кг, а бостанот по 35ден/кг. Сепак  до поголема продажба ќе дојде само со отворање на границите и од транзитот на странците сметаат продавачите.

Павлина Јовановска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close