Паушални информации за пчеларење на социјалните мрежи
Фалсификуваниот мед се уште актуелен проблем
Фалсификуваниот мед, исплатата на субвенциите и нивната висина, пласирањето научно непоткрепени техники на одгледување пчели преку социјалните мрежи, недоволната организираност на фелата, неусогласеноста на статистичките податоци и недоверливоста во официјалните бројки, се само некои од проблемите со кои се соочуваат македонските професионални пчелари, објави МИА.
Тие се донекаде задоволни од цената на медот која засега изнесува минимум 600 денари за килограм. За претстојните приноси не зборуваат однапред, но порачуваат дека е клучно при пчеларењето да се запазат техниките базирани на добрата пчеларска пракса и на претходно зацртаниот план за производство во сезоната.
Засега, велат, во пчеларството нема сериозно лидерство кое ќе ги претставува нивните ставови пред институциите и кое ќе работи на подигање на статусот на секторот на повисоко ниво.
-Пчеларскиот сектор во земјава не може да се пофали со статистика која може да им парира на пчеларски понапредните и поразвиените држави во Европа и во светот, но последниве неколку години забележителни се одредени позитивни промени во повеќе сегменти од домашното пчеларство. За жал, се уште има „стари рани“ кои се провлекуваат низа години и уште се актуелни, но има и нови проблеми, оценува Горан Алексовски, член на здружението „Македонска пчела“ (MacBee) и дел од тимот на Лабораторијата за биологија и селекција на медоносни пчели при Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).
Во разговор за МИА, Алексовски нагласува дека и покрај сите предизвици, интересот за одгледување пчели не се намалува.
Пчеларите незадоволни од реализацијата и висината на субвенциите
Според него, ненавремената исплата на субвенциите во пчеларството е една од причините за незадоволство кај пчеларите.
-Субвенциите не доаѓаат во време кога ни се најпотребни. Нивната висина е за посебна дискусија, бидејќи не соодветствува со поскапувањата на цените на репроматеријалите и опремата кои се користат во пчеларството, а кои се случија последниве години. Од друга страна, јавна тајна е дека овој модел на субвенционирање не води кон развој на секторот, бидејќи и покрај неговата долгогодишна примена, производството на мед и пчелни производи се нема поместено од почетната точка пред субвенционирањето на пчеларството иако од тогаш бројот на пчелните семејства во Македонија е зголемен за повеќе од 200 – 300 отсто, објаснува Алексовски.
Проблем се, укажува, и бројките.
-Не само ние, пчеларите, туку и јавноста не може да добие конкретна бројка на одгледувачи на пчели и пчелни семејства на територијата на државата, зашто, очигледно, ниту институциите не можат да дојдат до бројката. Постои неусогласеност во изворите на податоци за капацитетите на пчеларскиот сектор, па така од неколку национални институции се добиваат различни статистички податоци што често пчеларската јавност, но и обичните граѓани ги наведува на сомнежи за нивната веродостојност, а најчести се сомнежите поврзани со исплатите на субвенциите. Точните статистички податоци се од големо значење и се поврзуваат со креирањето на пчеларски стратегии и политики, со катастарот на пчелна паша и густината на разместеност на кошниците со пчели, со контролата на спарување на пчелните матици, со притисокот и влијанието на пчелите врз другите видови опрашувачи,…, вели Алексовски.
Тој открива и дека пчеларите се колективно незадоволни од неорганизираноста во сопствениот сектор. Иако во моментов паралелно делуваат два национални пчеларски субјекта, тие, вели, обединуваат само мал дел од македонските пчелари, а бенефитите од нивното работење речиси и не се чувствуваат.
Паушални информации за пчеларење на социјалните мрежи
Уште еден реален проблем со кој се соочуваат пчеларите, се паушалните информации на социјалните мрежи.
-Наш реален проблем, особено со популаризацијата на социјалните медиуми, е пласирањето, промовирањето и пропагирањето на научно непоткрепени пчеларски техники или методи, целосно спротивни на биологијата и физиологијата на македонската медоносна пчела и спротивни на нашите услови на пчеларење. Поради ризикот што го носат ваквите информации, особено е битно за почетниците во пчеларењето, но и за останатите категории пчелари, да остваруваат тесна соработка со домашните научно-истражувачки институции од областа на пчеларството и постојано да се држат блиску до науката, истакнува Алексовски.
Но, и покрај економските миграции и одливот на луѓе од државата, посебно на младите, засега, како што вели Алексовски, интересот за одгледување пчели не оди во надолна линија.
-Се забележуваат одредени напори и активности за промовирање и пропагирање на пчеларењето меѓу младите луѓе и тоа е за поздрав. Такви активности презема ФЗНХ кој преку повеќе предмети за пчелите и пчелните производи и преку различни проекти и програми за размена, успешно ги воведува студентите во пчеларството. Улога во регрутирањето на нови пчелари имаат и локалните пчеларски здруженија. На ова поле работат и повеќе граѓански организации, а една таква е и АДРА Проектот „Жените пчелари двигатели на позитивни промени во Македонија“, финансиран од Министерството за надворешни и европски работи на Словенија, акцент става на правилната едукација и обука, како и на обезбедување пчелни семејства, кошници и неопходна пчеларска опрема за 30 млади лица, претежно жени од руралните делови на два плански региона во земјава. Проектот предвидува и Парк на пчелата кој е во фаза на изградба во кругот на ФЗНХ, а намената е едукација на студентите, пчеларите, но и граѓаните кои сакаат да дознаат повеќе за медоносните пчели и другите опрашувачи, информира Алексовски.
Фалсификуван мед
Фалсификуваниот мед е постојано актуелен проблем. Алексовски смета дека кога се зборува на таа тема, најчесто прстот се вперува кон увезениот мед.
Според Државниот завод за статистика, во 2023 година, земјава увезла вкупно 248 531 килограми мед во вредност од 781 308 евра. Потеклото на тој мед е од Турција, Србија, Нов Зеланд, Молдавија и Грција.
-Знаејќи го фактот дека најголем дел од овие земји не се пчеларски анонимуси и котираат високо во групата на пчеларски развиени нации и имајќи предвид дека тој мед за да стигне на продажните рафтови мора да ги помине сите законски поставени бариери и да исполнува одредени барања во однос на неговиот квалитет и состав и покрај тоа што нашите законски регулативи во овој дел оставаат простор за манипулирање, тогаш најверојатно прстот треба да го впериме во домашните фалсификатори. Тие се обврска на надлежните власти, а ние како пчелари можеме само да ги поттикнуваме истите да прават почести контроли на пазарите и полиците. Но, необединетоста на пчеларите пред надлежните институции остава впечаток на рамнодушност кон ова прашање, што им овозможува на фалсификаторите отворен пат до потрошувачите, вели Алексовски.
Тој предупредува дека исто толку штетно за здравјето на потрошувачите, колку што е консумирањето фалсификуван мед, е и користењето мед од пчеларници во кои при различни пчеларски техники се користат разни синтетички средства.
-Во вакви случаи, во кошниците може да има остатоци (резидуи) од синтетичките средства кои потоа ги контаминираат пчелните производи. Овие синтетички остатоци можат да го загрозат здравјето на консументите, па поради тоа во светот, а се почесто и кај нас, расте трендот на исфрлање на овие препарати од пчеларството и на користење алтернативни биотехнички методи и техники. Ние, како пчелари, имаме обврска кон потрошувачите, постојано да им укажуваме на предностите од купување и користење чисти пчелни производи, пред се од локалните одгледувачи, да бидеме отворени кон нив, да ги поканиме на пчеларниците и да им ја доближиме нашата работа. Тоа е единствениот начин ние да добиеме редовни потрошувачи, а тие постојан снабдувач на здрави пчелни производи. Ова значи дека треба да се стремиме и кон вклучување на апитуризмот во нашето делување, а како добар пример ја имаме Словенија, нагласува Алексовски.