вестиТоп вести

Пченката стана пуканки, а сончогледите ги наведнаа главите

Сушата особено ги погоди пролетните култури, како што се сончогледот, пченката, градинарските култури… Земјоделците кои и онака имаа проблеми со наводнувањето велат дека ако не заврне во скоро време може да исуши голем дел од земјоделските култури на отворено

Високите температури кои минатата недела во некои делови од државата надминаа 40 степени беа фатални за многу земјоделски култури. Земјоделците кои и онака имаа проблеми со наводнувањето на земјоделските површини, жештините и сушата дополнително им ги зголемија маките. Тие велат дека ако не заврне во скоро време може да исуши голем дел од земјоделските култури на отворено. Почвата е дехидрирана и во неа нема вода. Поради ваквата состојба агрометеоролозите апелираат да се наводнува секаде каде што има услови за тоа.

– Топлото време особено ги погоди пролетните култури, како што се сончогледот, пченката и градинарските култури. Не се поштедени ниту овошките, а најмалку трпи виновата лоза. Ваквите температурни услови и топлата вода не му одговараат ниту на производството на ориз, изјави агрометеорологот Ангелко Ангелески.

Тој објаснува дека пред неколку години биле забележани температури слични како и оваа година, поради што во оризот имало многу крш при лупењето на арпата. Поточно бил забележан голем растур на зрното.

-Ова е периодот кога овошките формираат родни пупки за наредната година. Затоа треба да се обрне посебно внимание. Да се обезбеди доволно вода за убаво да се оформат цветните пупки. Во спротивно, в година цветањето и плодонесењето ќе бидат редуцирани, објаснува Ангелески.

На раните сорти винова лоза им годат ваквите услови зашто се во фаза на зреење. За подоцнежните сорти кои се во полна зрелост, можеби бранот врнежи што се најавува ќе им ја донесе потребната влага иако во подлабоките слоеви на почвата влага се уште има во одредени количини.

И земјоделците велат дека сушата им ги намали приносите и ако не заврне во скоро време може да исуши голем дел од земјоделските култури на отворено.

-Поради сушата ќе имаме помал принос на пченица. Од една страна намалени се површините на кои е насеана пченица, но од друга страна имаме и значително големи површини што биле посеани, но не се никнати, вели Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци.

Тој додава дека е потребен дожд, бидејќи почвата е дехидрирана и само со наводнување не може да ја добие потребната влага.

Агроекспертите велат дека во вакви ситуации, освен дождот спас за земјоделците се системите за наводнување, бидејќи со нив може да се дејствува против сушите. Ќе се пушти вода низ каналите за наводнување и ќе се наводнат посеаните површини. Но прашање е колку кај нас овие канали се функционални и колкав дел од земјоделските култури можат да се наводнуваат преку нив.


 

vecer.press

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close