Пчеларите од Гевгелија годинава очекуваат просечни приноси мед
Гевгелиските пчелари се подготвени од почетокот на јули да почнат со собирање на годинашниов мед.
Според нив, годината не била подобра од лани, но ниту полоша, така што очекуваат да биде просечна, вели Димитар Варелов, претседател на пчеларското здружение ,,Нектар“ од Гевгелија.
– Годинава имавме големи температурни разлики. Деновите беа топли, а ноќите ладни поради што очекуваме принос од 7 до 8 килограми мед по кошница што би се вклопило во некој досегашен просек, рече претседателот Варелов.
Тој појасни дека Македонија има три климатски појаси кои за пчелите претставуваат вистинско богатство што го преточуваат во квалитетен мед и пчелни производи.
Пчеларите наведуваат дека месец мај беше влажен со негативен одраз врз пчеларството поради што посочија дека ќе бидат принудени да менуваат одредени техники и пракси за да се изборат и со лошите временски услови.