fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Пеце Стојковски директор на АПРЗ – Ние сме силен партнер и поддржувач на земјоделците за правилно водење на земјоделскиот бизнис

Нашата улога е да бидеме силен партнер и поддржувач на земјоделците бидејќи тие најдобо знаат колку е тешко и макотрпно да се произведува, вели во интервју за МИА, м-р Пеце Стојковски, директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) со седиште во Битола.

Нашата улога е да бидеме силен партнер и поддржувач на земјоделците бидејќи тие најдобо знаат колку е тешко и макотрпно да се произведува, вели во интервју за МИА, м-р Пеце Стојковски, директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) со седиште во Битола. Според Стојковски, земјоделците треба да почнат да размислуваат претприемнички, да практикуваат подобар маркетинг за земјоделските производи, а селото да стане простор за современ бизнис и производство.

Како АПРЗ придонесува за развојот на земјоделството во руралните средини?

-Земјоделството и руралните средини се меѓу врвните приоритети на Владата, а со тоа и на нашата Агенција. Нашата улога е да бидеме силен партнер и поддржувач на земјоделците, бидејќи тие најдобро знаат колку е тешко и макотрпно да се произведе храна. Во тие услови, секоја институционална поддршка е огромна помош. Една од нашите главни насоки е подобрување на знаењето на земјоделците – тоа е предуслов за правилно водење на земјоделскиот бизнис и воведување на современи технологии. Затоа нудиме бесплатни советодавни услуги, организираме обуки и овозможуваме пристап до примери на фарми со најнови технологии. Така земјоделецот добива не само информација, туку и практично искуство кое може веднаш да го примени.

Кои активности ги спроведовте за да ја модернизирате институцијата?

-Направивме анализа на претходното работење и изготвивме план за приоритетни активности. Една од првите мерки беше да ја зголемиме транспарентноста и дигиталната видливост. Изработивме нова веб-страница, поврзана со социјалните мрежи, преку која јавноста може навремено да ги следи сите активности, совети и новости. Воедно, обезбедивме повеќе средства за теренска работа. Денес нашите советници многу повеќе време поминуваат на фармите и во нивите, директно меѓу земјоделците. Истовремено, реализиравме обемна информативна кампања за ИПАРД програмата, во која нашите советодавци заедно со претставници од МЗШВ и АФПЗРР ги посетија скоро сите рурални средини и им ги презентираа можностите на земјоделците. Инвестирани се средства во континуирана едукација на вработените во АПРЗ, како за стручни агротехнички знаења, така и за користење дигитални алатки и развивање комуникациски вештини. На барање на самите земјоделци, отворивме и нови дисперзирани канцеларии во соработка со општините Новаци, Могила, Долнени и Росоман, а во тек се преговори за отворање на канцеларија во Конче. Воедно, воспоставивме и многу поквалитетна соработка со сите релевантни институции – Министерството за земјоделство, Платежната агенција, институтите и факултетите од областа на земјоделството и прехранбената технологија.

Кои се најчестите активности што АПРЗ ги реализира на терен?

-Нашата работа е насочена кон советодавни, едукативни и информативни активности. Организираме едукации за примена на современи агротехнички мерки, за користење сертифициран семенски материјал и за здружување на земјоделците во задруги и други форми на здружување. Покрај тоа, редовно одржуваме средби во руралните средини на кои не само што се презентираат актуелни стручни теми, туку се разгледуваат и тековните проблеми со кои се соочуваат производителите со цел да се најдат практични решенија. Најголемиот проблем со кој земјоделците се соочуваат се климатските промени. АПРЗ активно организира и информативни средби при секое објавување на јавни повици, особено оние поврзани со ИПАРД програмата и програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Дополнително, обезбедуваме административно-техничка поддршка при подготовка на барања, деловни планови и технички предлог-проекти, со што им олеснуваме на земјоделците во процесот на аплицирање.

Како АПРЗ им помага на барателите по програмите за финансиска поддршка?

-Помошта што ја обезбедуваме е целосна и опфаќа сè – од идеја до реализација. Нашите советници им даваат насоки за модернизација на производството преку набавка на трактори и механизација, подигање нови насади, инвестирање во системи „капка по капка“ или во развој на сточарски фарми. Преку изработка на деловни планови и технички предлог-проекти, земјоделците добиваат професионална поддршка која им овозможува не само да аплицираат на програмите, туку и да бидат конкурентни и добро подготвени за нивната успешна реализација. На тој начин се зголемува искористеноста на државната и европската поддршка, со што се обезбедува развој на руралните средини и усогласување на земјоделството со европските стандарди.

Кои се вашите совети за тоа на што треба да се насочат земјоделците за иднината?

-Најпрво, неопходно е земјоделците да почнат да размислуваат претприемнички. Селото треба да стане простор за современ бизнис и производство. Тоа значи вложување во нови технологии кои заштедуваат време, пари и работна рака. Исто така, мора да се вклучат младите, да се инвестира во пост-бербени и преработувачки капацитети, како и во подобар маркетинг на земјоделските производи. Од исклучителна важност е и државната поддршка, која во развиените земји е пресуден фактор за развојот на фармите и селата. Таа поддршка придонесува за рационално искористување на природните ресурси, оживување на селските подрачја и прекин на негативните миграции. Со таков пристап, земјоделството станува модерна и профитабилна гранка, а селото – место со подобар квалитет на живот. За реализација на овие планови АПРЗ е институцијата што е тука за сите земјоделци, без разлика дали се работи за големи производители или за помали фарми, за жени-фармери, млади луѓе или ранливи групи во руралните средини. Нудиме поддршка за избор на најсоодветни култури и производи, за пристап до пазари, како и за организирање на производни групи и здружувања. Посебно внимание посветуваме на едукацијата за одржливо користење на ресурсите со пониски трошоци. Ова е исклучително важно бидејќи побарувачката за храна расте, а ресурсите се ограничени. Доколку навремено не се едуцираат земјоделците за овој предизвик, може да настанат сериозни долгорочни проблеми.

Колку земјоделците ги користат вашите канцеларии и за што бараат помош?

-Нашите канцеларии, вкупно 30, се во урбаните општини низ цела држава, и се често посетувани, но главната цел ни е советниците да бидат присутни на терен, за земјоделците да не прават дополнителни трошоци за патување. Така сме постојано блиску до нив и нивните потреби. Најчесто се интересираат за програмите за финансиска поддршка и за ИПАРД. Голем е бројот на земјоделци што бараат помош за започнување нов бизнис, за совети при појава на болести и штетници, за примена на ѓубрива и пестициди, како и за можности за земјоделски кредити и набавка на механизација. Сето тоа покажува дека земјоделците се сè посвесни за значењето на стручната поддршка и дека ја препознаваат АПРЗ како своја прва адреса за помош и совет, истакна во интервју за МИА, м-р Пеце Стојковски, директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола.

Текст и Фото: МИА

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close