вестиМакедонијаМеханизацијаТоп вести

Успешен земјоделец не се станува преку ноќ

Чекор по чекор , со упорност, надградување на знаењето и следење на новините со примена на современа механизација може да се биде успешен земјоделец. Сашо Димковски  дел од фирмата „Агрос“  Св. Николе свесен за овие моменти работи во семејната фирма и се труди она што го наследиле од стари пра стари, не само да го одржат туку и да го развиваат.

 

Земјоделието е комплексна дејност и доколку не се пристапува со голема посветеност тешко ќе се дојде до резултати. Сашо Димковски од Св. Николе свесен е за ова и не сака да го напушти она што неговите предци го создале, напротив неговата визија и иднина на неговото пошироко семејство ја гледа токму на тие простори вложувајќи се во развојот на фамилијарната фирма „Агрос“. Токму затоа и своето образование  го насочил кон оваа област и сега  дипломиран земјоделски инжинер има каде да го употреби своето знаење. Заедно со родителите и својот брат ја формирале фирмата во рамки на која обработуваат 200 ха земјоделска површина. Дел се во нивна сопственост, а дел се земени под концесија. Од нив 150 ха се под житарици (јачмен,пченица, пченка и мал дел луцерка), а 50 ха се овошни насади со лозје и сливи.

-Предизвиците се големи како и во секоја друга работа, а овде можеби и повеќе оти земјоделието е фабрика на отворено и не знаеш што ќе донесе утрешниот ден. Може да се живее, и со многу труд и вложување може да се постигне задоволителен квалитет на живот. Сметам дека младите како мене не смеат да го остават она што го наследиле, треба да бидат вклучени во земјоделието и да продолжат да работат , затоа што во светот само без храна не се може, изјави Сашо Димковски при посетата на Зелена берза во семејната фирма.

Земјоделието е потценето, а на младите им се најпотребни информации

Димковски смета дека земјоделската работа најчесто се наследува но не мора да значи дека е толку тешко, како што било некогаш. На земјоделието уште се гледа како на дејност  со потценување. Стопанствениците од другите гранки на земјоделците гледаат инфериорно.

– Сето ова може да се надмине и треба сами да се избориме. Недостигаат информации од типот дека земјоделието може да биде помодерно од она што е сега, за разлика од она што сме го слушале од нашите родители. Треба да учиме од постарите, но треба да внесуваме и новини, да бидеме информирани за новините кои го прават земјоделието полесно за работа. Може да се види како работат на запад земјоделците. За сега најголем информатор е интернетот. Но како што ништо во светот не може да биде од денес за утре така и внесувањето на новините во земјоделието не може да се од денес за утре, сето тоа мора да оди , чекор по чекор. Ние сме сиромашна земја и кај нас воведувањето на новини  оди пополека , но ние сами треба да се избориме за нашето место под сонцето, вели Димковски.

Развојот на земјоделието е можно но тоа нема да се случи преку ноќ.

Современа механизација неопходен услов за развој на земјоделството

Сашо е свесен за значењето на земјоделската механизација. Обработката на 200 ха земја не може да се изврши квалитетно без соодветна механизација, затоа треба да се следат новите трендови во таа област. Располага со секаква механизација дел стара, дел нова и од година во година се обидува да набавува посовремена механизација. Во дворот на неговата фирма може да се забележи  механизација од брендот John Deere, меѓу кои  и оние постари модели но сèуште функционални.

 

-Во моментот она што го имаме  е доволно, но секогаш добро е механизацијата да е понова и помодерна. Имаме трактори, комбајни и останата приклучна механизација, за наши услови се добри, но наш стремеж е да ги обновуваме. Со нова и модерна механизација само можеме да си олесниме, а и да произведеме квалитетно, објаснува Сашо.

Со механизацијата штоја имаат вршат и услужни дејности, на земјоделци кога треба нешто да се заврши брзо, да се  ожнее, изора, искоси и сл. Сепак  механизацијата првично ја набавуваат за сопствени потреби, а ако стигнат им прават услуга на други.

Стручните консултации добредојдени  за  квалитетен принос

Во земјоделството сите култури се важни, но не може одлуката да биде само на една култура. Зависи од годината. Една година може да се погоди културата што се одгледува да донесе добри приноси, а наредната да биде катастрофална  и обратно, не значи ако некогаш резултатот бил лош дека така ќе остане и во иднина. Св. Николскиот регион е сушен и најмногу успева пченката. Приносите најмногу зависат од семенскиот материјал и наводнувањето.

-Генетиката е многу важна. Генетскиот код на семето мора да биде таков да може да се справува со климатските промени, некогаш суша, друг пат дожд, ветер, така што потребно е семе што ќе може да поднесе и да се справи со климатските промени. Сум експериментирал и уште експериментирам со семињата. За некои конкретни резултати не можам да кажам  оти секоја година условите се менуваат. Климатските промени си го прават своето, а ние се трудиме да го извлечеме максимумот од семето, објаснува Сашо. Образованието многу ми помогна подбро да се снајдам во оваа област. Претходно имав некои познавања, но тоа беше лаичко знаење  кое не беше поткрепено со науката. Секако дека го почитувам искуството на постарите, но советите од стручните лица се многу важни за идниот развој на земјоделството. Тука е и изборот на семе, заштита, прихрана, анализа на почва, ѓубрење и сл., додава Сашо.

Како што вели засега најдоходовна е пченката особено онаа што се наводнува. Исто така и јачменот кој е е поиздржлив за разлика од пченицата чии приноси се помали. Располага со систем капка по капка кој придонесува за рационално користење на водата од една страна, а од друга приносите кај пченката се значително поголеми.

-Минатата сезона беше добра за јачменот , а не за пченицата. Заради сушата приносите на пченката  беа помали. Таму каде имаше наводнување успеавме да добиеме 10-11 тони пченка,  вели тој.

Знаејќи го ова се обидува да ги користи искуствата од западните земји. Што се однесува пак за откупот и цените вели дека како и сè друго  може повеќе. Кога би имало повисоки цени квалитетот на живот би бил подобар.

ИЗ Агрос Св. Николе е семејна фирма  на три генерации

 

-Имам два сина и заедно со сопругата и снаата сите се вклучени во работите. Има многу работа и сите ако не се вклучат не може да стигне да се заврши сè. Работата мора да се извршува навреме. Денот во земјоделието е најважен, испуштен ден може многу да чини. Горд сум на моите синови од она што го работат. Јас го имам искуството, но тие повеќе знаат околу модернизирањето на земјоделството и имаат слобода да купуваат сè она што мислат дека ќе го подобри и олесни работењето, вели таткото Делчо Димковски.

Она што пријатно нè изненади на нашата посета во „Агрос“ беше двегодишната Дуња која од мали нозе гледа како се работи, а  за земјоделската механизација  учи  преку нејзините играчки. Не е чудно што комбајнот и тракторот како и нејзината облека се од брендот John Deere. Татко и ги следи новините и ги посетува големите саеми за земјоделска механизација и знае да направи вистински избор. Малата Дуња го следи неговиот пример.

  

  

   Павлина Јоивановска

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close