
Пелагонија размислува зелено: PREDA Plus отвора ново поглавје за стартапите во регионот
За визијата, амбицијата и потенцијалот на регионот разговараме со Лидија Ангелкова, проектна менаџерка на PREDA Plus, која стои зад концептот на Green Tech Pelagonia и која верува дека Пелагонија може да биде извор на решенија за многу поширок пазар
Пелагонија размислува зелено: PREDA Plus отвора ново поглавје за стартапите во регионот
Со лансирањето на стартап програмата Green Tech Pelagonia, PREDA Plus Фондација испраќа јасна порака: зелените иновации не се привилегија на големите центри, туку можност што може и треба да се развива локално таму каде што ресурсите, знаењето и потребата се најреални.
На настанот во Порта Џез во Битола, програмата беше претставена како платформа што ги поврзува зелените технологии, агротек решенијата, еко-туризмот и одржливите дигитални бизниси со конкретна менторска и развојна поддршка.
За визијата, амбицијата и потенцијалот на регионот разговараме со Лидија Ангелкова, проектна менаџерка на PREDA Plus, која стои зад концептот на Green Tech Pelagonia и која верува дека Пелагонија може да биде извор на решенија за многу поширок пазар
Стратегија и визија
Што беше клучниот момент кога PREDA Plus одлучи дека токму сега е време за програма како Green Tech Pelagonia?
Во последно време многу е актуелно да се зборува за зелената транзиција. Пелагонија, како регион, веќе подолг период реално е вклучен во процесите на праведна транзиција од јаглен и токму затоа сметам дека ова е точното време да се поттикнат активности, идеи и стартапи во нови економски правци кои можат да иницираат промени и иновации.
Повеќе не е доволно само да зборуваме за зелена транзиција. Време беше да креираме конкретно решение кое ги поврзува знаењето, технологијата и локалниот контекст. Во овој момент клучно е да се понуди структурирана поддршка за сите иноватори/ки и претприемачи/ки кои сакаат да експериментираат со зелени решенија, но им е потребна јасна рамка, менторство и простор за развој. Green Tech Pelagonia е токму таква програма креирана да одговори на реалните потреби на регионот и луѓето што живеат и создаваат во него.
Регионален контекст
Кога велите дека „Пелагонија има потенцијал“, што конкретно мислите…ресурси, луѓе, знаење или нешто друго што често се занемарува?
Потенцијалот не е само во ресурсите, туку во тоа што во Пелагонија можат да се поврзат локалните потреби со технологија и претприемништво и да се создадат решенија што се применливи, а не само „на хартија“.
Често гледаме добри идеи кои остануваат само на хартија, не затоа што недостига креативност или знаење, туку затоа што недостига поддршка за тие идеи да се развијат како што треба. Недостига структура, менторство, пристап до експерти и простор за тестирање.
Токму тука го гледаме и неискористениот потенцијал на Пелагонија. Кога постојат ресурси, луѓе и идеи, но нема систем што ќе ги поврзе, резултатот е застој. Затоа ни беше важно да креираме програма што ќе помогне идеите да излезат од фазата на концепт и да станат применливи решенија со реален ефект.
Зелени иновации без клишеа
Денес сите зборуваат за „зелено“ и „одржливо“. Како Green Tech Pelagonia се обидува да избегне празни фрази и да понуди реален импакт?
Свесни сме дека зборовите „зелено“ и „одржливо“ денес често се користат како етикети, без вистинска содржина. Затоа уште од почетокот ни беше важно Green Tech Pelagonia да не биде програмa на декларации, туку на практични решенија.
Фокусот на програмата е да поддржи решенија што можат да се тестираат, применат и да дадат мерлив ефект во локалниот контекст. Идеите не остануваат на ниво на визија, туку веднаш влегуваат во процес на работа со ментори и тренери со практично искуство.
Користиме Google Sprint методологија затоа што таа овозможува брзо и докажано тестирање на решенија. Во краток временски период, тимовите со поддршка од менторите ги дефинираат проблемите, развиваат први функционални верзии и ги тестираат со реални корисници. Тоа ни помага рано да видиме што функционира, а што не, и да избегнеме губење време и ресурси.
На овој начин, зелените иновации ги третираме како решенија што мора да покажат реален ефект уште во рана фаза, а не како идеи што добро звучат, но остануваат на хартија.
За кого е програмата?
Дали оваа програма е повеќе насочена кон млади стартапи, индивидуалци со идеја или веќе оформени тимови со прв производ?
Програмата е наменета за тимови, без разлика дали се во рана фаза на развој на идејата или веќе имаат прв производ. Во пракса, токму луѓето и начинот на кој работат заедно ја прават разликата помеѓу идеја што останува на хартија и решение што навистина заживува. Како што вели Стив Џобс: „Големите работи во бизнисот никогаш не ги прави еден човек. Тие се резултат на работа на тим.“
Преда Плус е една од ретките организации во стартап екосистемот што системски работи со тимови уште во раната фаза на развој на идејата. Наместо да чекаме „готови“ стартапи, ние влегуваме многу порано во процесот, кога идејата сè уште се оформува, а тимот го гради својот заеднички начин на работа. Токму во оваа рана фаза поддршката е најкритична, затоа што тогаш се поставуваат основите, како се носат одлуки, како се тестираат претпоставките и како тимот се справува со неизвесноста.
Затоа Green Tech Pelagonia е насочена кон зајакнување на тимската динамика, со јасна менторска и тренерска поддршка, за да им помогне на тимовите од самиот почеток да развијат здрави, применливи и одржливи решенија.
Од идеја до пазар
Кој е најголемиот јаз што PREDA Plus сака да го премости со оваа програма … идејата, прототипот или излезот на пазар?
Најголемиот јаз што сакаме да го премостиме не е само помеѓу идејата и прототипот, ниту само помеѓу прототипот и пазарот, туку јазот помеѓу добра идеја и проверено решение.
Во пракса, многу тимови заглавуваат затоа што немаат поддршка навреме да ги тестираат претпоставките, да разберат кој точно проблем го решаваат и кои се корисниците. Програмата е дизајнирана да работи токму во таа критична зона, каде идејата се трансформира во решение што има логика, корисници и пазарен потенцијал.
Преку менторска поддршка и користење на докажани методологии за брзо тестирање, им помагаме на тимовите да го скратат патот од идеја до пазар, со помал ризик и појасна насока за понатамошен развој.
Улогата на менторството
Колку е важен факторот „ментор“ во развојот на стартапите во регионот и што прави еден ментор навистина корисен?
Менторството е еден од клучните фактори за развој на стартапите. Доброто менторство не дава готови решенија, туку помага тимовите да ги постават вистинските прашања, да донесуваат информирани одлуки и побрзо да учат од грешките.
Во Green Tech Pelagonia работиме со ментори и менторки со практично искуство и јасна експертиза, кои ги следат тимовите низ целиот процес, од дизајн спринт и бизнис моделирање, преку иновации и излез на пазар, до пристап до финансии, скалирање, маркетинг и комуникации. За нас е важно менторството да биде применливо и контекстуално, прилагодено на реалноста во која работат тимовите.
Покрај менторската поддршка, програмата вклучува и тематски обуки со тренери кои покриваат клучни области како правни аспекти на отворање стартап, продажни и бизнис стратегии, финансиско планирање и ПР и дигитален маркетинг. Оваа комбинација им овозможува на тимовите да добијат целосна слика, не само како да развијат идеја, туку и како да изградат одржлив бизнис.
Програмата ги подготвува тимовите до целосно подготвен пич, со посебен фокус на пичинг техники, како јасно и убедливо да ја презентираат својата бизнис идеја во временска рамка од 3 до 5 минути. Ова е еден од особено важните елементи на програмата, затоа што добрата идеја има вредност само ако знае да се пренесе јасно, прецизно и со доверба.
Еден од најважните бенефити што ги добиваат учесниците во стартап програмите на ПРЕДА Плус е вмрежувањето, пристап до стартап заедницата, инвеститори и VC фондови, релевантни финансиски можности, како и информации и поврзување со други европски програми и иницијативи за понатамошен развој.
Локално vs. глобално
Често се вели дека стартапите од внатрешноста мислат премногу локално. Како Green Tech Pelagonia ги охрабрува учесниците да размислуваат глобално од првиот ден?
Иако програмата поддршува бизнис решенија во локалниот контекст, уште од првиот ден ги охрабруваме тимовите да размислуваат пошироко од локалниот пазар. Уште при лансирањето на повикот организиравме средба каде претходни учесници од стартап програмите на ПРЕДА Плус, споделија реални искуства од сопствената практика и покажаа дека и од помали средини може да се излезе на меѓународни пазари.
Овие автентични приказни, заедно со методологијата на работа и тестирање на решенијата, се силна мотивација за новите тимови да размислуваат глобално уште од самиот почеток.
Искуство од претходните програми
PREDA Plus има силна alumni заедница. Што покажуваат досегашните искуства – што најмногу им недостига на стартапите на почетокот?
Искуството од претходните програми покажува дека на стартапите на почетокот најмногу им недостига структура и јасна насока. Секогаш има големи идеи и мотивација, но без систем и континуирана работа тие ретко се претвораат во одржлив бизнис. Сум видела многу убави и амбициозни идеи кои останале на хартија, но и наизглед просечни идеи кои со упорност и добра тимска работа, успеале да се развијат во успешни бизниси.
Она што би сакала да го истакнам е дека еден човек не може да биде стартап. За успех не е доволна добра идеја, туку тим кој знае да работи заедно, да носи одлуки, да тестира и да се прилагодува. Токму тимската динамика е тоа што прави разлика помеѓу идеја што останува на хартија и бизнис што функционира.
Еден од клучните предизвици за стартапите на почетокот е пристапот до релевантна поддршка и мрежи. Најчесто стартапите не знаат каде да се обратат, каде да се информираат и од кого да побараат насока. Без ментори, повратна информација од пазарот и контакт со други стартапи и инвеститори, многу добри идеи остануваат заглавени во рана фаза.
Дополнително, често недостига јасна продажна логика, силна тимска поставеност и способност идејата да се презентира јасно и убедливо преку пичинг. Затоа програмите на PREDA Plus се фокусираат на градење структура, зајакнување на тимовите и практична работа, како клучни предуслови за реален напредок.
Жените во стартап екосистемот
Каква е улогата на жените во зелените и технолошките стартапи во регионот и дали гледате позитивна промена во последните години?
Улогата на жените во зелените и технолошките стартапи во регионот станува сè повидлива, и тоа не само како „учеснички“, туку како ко основачки, носителки на иновации и лидери на тимови. Во нашето искуство, тоа се гледа и во бројките. Во програмите на PREDA Plus, вкупната родова структура е речиси израмнета, 167 учесници, 86 жени и 91 мажи, што е силен сигнал дека интерес, капацитет и амбиција има.
Истовремено, важно е да бидеме реални. И покрај позитивните поместувања, жените и понатаму се помалку застапени во техничките и ИКТ патеки и имаат потежок пристап до капитал и инвеститорски мрежи, особено во раните фази на развој. Ова јасно е нотирано и во She Figures Report 2025 на Western Balkans Info Hub, кој укажува дека родовиот јаз во пристапот до финансирање и лидерски позиции во стартап екосистемот сè уште е значаен предизвик во регионот.
Слични заклучоци се нотирани и во анализите на EBRD за Македонија, каде што се нагласува дека жените претприемачки најчесто се соочуваат со ограничен пристап до капитал и деловни мрежи, особено во раните фази.
Промена има, но ако нема континуирана поддршка, таа многу лесно се губи. Жените имаат идеи и капацитет, но често немаат пристап до вистинските луѓе, информации и пари во вистинско време. Затоа ваквите програми се важни, не за да „охрабруваат“, туку за конкретно да им помогнат на жените да останат, да растат и да градат бизниси на долг рок.
Успехот како мерка
Како PREDA Plus ќе знае дека Green Tech Pelagonia била успешна програма по број на стартапи, инвестиции или нешто подлабоко?
За нас успехот не е изолиран момент, туку континуитет. PREDA Plus од 2018 година континуирано работи на развој на стартап екосистемот во Пелагонија и пошироко, и денес веќе сме препознатлив фактор во таа област. Green Tech Pelagonia е нашата десетта стартап програма, што значи дека се надоврзува на искуство, научени лекции и реални резултати.
До сега имаме реализирано 9 стартап програми со околу 170 учесници и и вкупно 90 развиени бизнис идеи. Преку овие програми се креирани над 15 нови работни места, привлечени се 27.000 евра seed инвестиции и обезбедени дополнителни 500.000 евра финансиска поддршка, што покажува дека ефектите се долгорочни, а не само програмски
Токму затоа Green Tech Pelagonia ја гледаме како логично продолжение на таа работа. Програмата се реализира во соработка со Европската банка за обнова и развој и со финансиска поддршка од CIF, што за нас е потврда дека пристапот што го градиме со години е релевантен и препознаен и од меѓународните партнери.
Успехот за нас не се мери само по бројот на стартапи или инвестиции, иако и тие се важни индикатори. Она што е уште поважно е дали тимовите излегле од програмата посилни отколку што влегле, со појасна бизнис логика, подобра тимска динамика и реално тестирано решение.
Оваа програма ќе биде успешна ако тимовите знаат да продаваат, јасно да пичуваат јасно, да донесуваат информирани одлуки и да продолжат да се движат напред и по завршувањето на програмата. Ако некој тим сфати дека треба да ја смени насоката или дури да ја стопира идејата, и тоа е успех, затоа што е донесена свесна одлука навреме.
За ПРЕДА ПЛус, вистинската мерка за успех е долгорочниот ефект, колку од овие тимови ќе останат активни, ќе се поврзат со други програми, ќе привлечат поддршка и ќе продолжат да градат одржливи бизниси, а не само колку бројки ќе запишеме на крајот.
Бројките се важни, но уште поважно е тоа што се гради стабилен и одржлив стартап екосистем, чекор по чекор.
За крај-Порака до идните апликанти
Што би им порачале на оние што имаат идеја, но сè уште се двоумат дали да аплицираат?
Ретко кој стартап почнува со јасни одговори и готов план. Важно е да имате тим, подготвеност да работите и желба да учите.
Green Tech Pelagonia не е програма за совршени идеи, туку за тимови што сакаат да ја тестираат својата идеја, да ја подобрат и да видат дали навистина има потенцијал. Ако чекате идеален момент, најчесто тој не доаѓа. Оваа програма е можност токму тој прв чекор да го направите со поддршка, структура и луѓе кои ќе ви помогнат по патот.
Повикот за аплицирање е отворен до 26 декември. Ако имате бизнис идеја, не чекајте. Ќе ви помогнеме да ја тестирате и да го развиете најдоброто можно решение.
Аплицирајте тука: https://shorturl.at/WJ6ki








