fbpx
ВестиЕкологијаМакедонијаТоп вести

Екологија Пелагониски Регион Многу селски водоводи се со неисправна вода за пиење

Села кои се снабдуваат со вода од сопствени водоводи кои не ги предале во употреба и одржување на ЈКП „Водовод“-Битола, имаат неисправна вода за пиење. Мештаните не сакаат да плаќаат сметки за вода.

Голем е бројот на села во Пелагонискиот Регион каде низ чешмите тече бактериолошки неисправна вода за пиење. Најголемиот проблем за ваквата состојба не е дека мештаните не можат да имаат пристап до чиста вода за пиење, туку што не се согласуваат да плаќаат сметки за вода на ЈКП „Водовод“ Битола, кое стопанисува со градскиот водовод. Голем дел од селата кои се на патот кој води кон македонско-грчката граница (Бистрица, Олевени, Канино, Барешани, Велушина и др.) ,селата во Потпелистерието (Трново, Магарево и др.), села во општините Могила и Новаци, вода пијат од селски водоводи, па во чешмите дома им тече вода со видливи нечистотии, раски, земја, жолтила. Во резервоарите често има и пцовисани животинки, инсекти и глувци.

Од Центарот за јавно здравје Битола, велат дека од земените мостри на ниво на трите пелагониски општини каде има селски водоводи, кај две третини водата е неисправна за пиење.

-За првите 6 месеци од оваа година земени се 88 мостри од локални селски водоводи во општините Битола, Новаци и Могила, кај 69 од мострите водата  е неисправна, или од овие земени мостри 78 проценти е бактериолошки нечиста, додека хемиски и физички е во ред. Консумирање на бактериолошки неисправната вода е ризик по јавното здравје, со причина за појави на проливи и повраќања и други цревни заразни болести, ни изјави д-р Емилија Богоевска,  специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Едно од селата со селски водовод е и Бистрица лоцирано на само 5 км од Битола.

-Вода од сите чешми во куќата и дворот не пиеме, иако имаме два филтри пред главниот приклучок ставено и два дома. Исклучиво пиеме од кујната бидејќи за таму купивме филтер од 500 евра. Тој филтер не може секој да си го дозволи. Но децата ни се мали и мора да го намалиме ризикот. Водата е нечиста и тоа се гледа со голо око, со земја е, што се гледа најдобро на филтрите кои секој ден се полни со тиња. Алиштата перени кога ќе ги истресам имаат земја, вели жител на Бистрица.

Според жителите на ова село, водоводот во Бистрица не е приклучен на градскиот, бидејќи мештаните многу вложиле во водоводната инфраструктура и затоа не сакаат да им го предадат на јавното претпријатие и згора на тоа да плаќаат сметки за вода.

-Целиот водовод е изграден од нас селаните, сега ќе треба се да му дадеме на „Водовод“, на готово, без да не ослободи од плаќање на сметки барем неколку години, велат жители на Бистрица.

Покрај квалитетот на водата, во летниот период се јавува голем недостиг на вода во овие села.

Од градскиот водовод летово се троши по 650 литри во секунда чиста вода за пиење од изворите на Пелистер, Сапунчица, Лак Поток и Црвена

На водоснабдителниот систем на Битола приклучени се вкупно 39 селски населби, од кои 22 од Општина Битола, 8 од Општина Новаци и 9 од Општина Могила.

Од ЈКП „Водовод“ велат не може да се снабдуваат граѓаните со чиста вода без да плаќаат сметки, бидејќи селските водоводи им се стари, дотраени и со лош квалитет, за што претпријатието ќе мора да инвестира.

-Најголем дел од селата кои имаат сопствен систем за водоснабдување немаат желба да го предадат системот на управување на ЈКП „Водовод“ – Битола, зашто тоа би значело и редовно плаќање на сметки за вода. Во овој момент, во најголем број од овие села не се плаќа за водата, а со тоа и ниеден од овие системи не се одржува редовно. Системите се по повеќе од 40 години стари и имаат големи загуби на вода, што е една од причините за недостигот на вода, покрај слабата издашност на изворите. Во ваква ситуација, најчесто вода имаат оние куќи кои се лоцирани најниско во селата, додека горните куќи се соочени со недостиг на вода. Така, половина од селото е задоволно со состојбата, додека другата половина не е, а за преземање на системот од страна на ЈКП „Водовод“ – Битола, потребна е согласност од МЗ со потписи од 50% +1 корисник, вели директорот на ЈКП „Водовод“ Битола Горан Козаров.

Квалитетот на вода за пиење во сите села кои се приклучени на градската водоводна мрежа е според Правилникот за вода за пиење.

Еден од проблемите на „Водовод“ ова лето е што добар дел од водоводниот систем кој минува низ селата се уништува за селаните да си ги наводнуваат нивите. Така претпријатието јавно апелираше до жителите на селото Алинци да ги пријават сторителите кои ова лето намерно ја оштетуваат цевката за вода која поминува кај мостот пред селото која го снабдува ова населено место и околните села со чиста вода за пиење. Оштетувањето на цевката  е голем проблем  кој жителите од овие места  може подолг период да ги остави  без чиста вода за пиење.

Анета Блажевска

Слични написи

Back to top button
Close