Петров-Македонија ќе трпи несогледливи последици при голема суша
Причината за промената на климата во овие размери можеме да ја лоцираме единствено во капиталистичкиот начин на производство, кој профитот го става пред луѓето и животната средина.
- Пишува: Никола Петров – Координатор на Левица – Земјоделски сектор
- Ви пренесуваме дел од колумната
Климатските промени донесоа чести промени на времето кои негативно се одразуваат во земјоделското производство на храна. Се почесто сме сведоци на топли зими без врнежи, или со недоволно врнежи од дожд и снег. Причината за промената на климата во овие размери можеме да ја лоцираме единствено во капиталистичкиот начин на производство, кој профитот го става пред луѓето и животната средина.
Земјоделското производство е под засилено влијание на климатските и временските променливи. Системите за рано предупредување за суша се од витално значење за земјоделскиот сектор да се подготви за оваа варијабилност, зајакнувајќи ја неговата отпорност на суша. Клучни компоненти на системот за рано предупредување за суша се:
- Набљудување и мониторинг Планирање и подготвеност за суша;
- Предвидување и прогнозирање на сушата Комуникација и достапност до јавноста и засегнатите сектори;
- Интердисциплинарни и применети истражувања на теми од интерес за секторите погодни од суша;
Сушата може да предизвика големи загуби во земјоделското производство, директни и индиректни. Примарното директно економско влијание на сушата во земјоделскиот сектор е неуспехот на посевите и загубите на пасиштата. Овие загуби често се пренесуваат на потрошувачите преку зголемени цени на производите, или пак за одржување на ценовна стабилност владата ги субвенционира со пари од Буџетот на граѓаните.Индиректното влијание на сушата во секторот може да вклучува намалени залихи за преработувачките индустрии на храна, како и намалена побарувачка за инпути како што се ѓубривата, репроматеријали и работната сила во земјоделството.
Непазарните влијанија од загубите во земјоделското производство вклучуваат оптоварување на менаталното здравје на земјоделците.Осиромашувањето на почвата со вода предизвикува значителен пад на земјоделските култури и продуктивноста на добитокот. Дополнително, залихите на површинските и подземните води може да се намалат за време на суша, што ќе влијае на достапноста на вода и ќе ги зголеми трошоците за пристап до вода за наводнување на земјоделските култури и напојување на добитокот.
Сушата заедно со високите температури, може да ја прошири дистрибуцијата и инциденцата на штетници и болести кои ги погодуваат земјоделските култури, сточната храна и добитокот. Повеќето култури како овошје, зеленчук, јаткасти плодови и лековити билки се поранливи на суша од повеќето полски култури. Земјоделскиот сектор е важен придонесувач во економијата на државата, од исхрана на населението, девизни приливи преку извозот, обезбедување на работни места во руралните средини, суровини за прехранбената индустрија и многу други.
Владата на Република Македонија во однос на феноменот „суша“ се однесува како тој да не постои, или пак како да е далеку од нас. Ваквиот индиферентен однос кон ваков голем проблем со големи импликации во општеството и економијата, а посебно во земјоделството и производството на храна, покажува на неадекватниот степен на развој на цивилизациска свест кај досегашните носителите на функции.
Извештајот на Државниот Завод за Статистика констатираше низа нерегуларности во работата на државното претпријатие АД Водостопанство. Освен старите и веќе нефункционални системи за наводнување на земјоделските површини, голем проблем се и губитоците на вода од нив, како и нефактурирањето на потрошената вода и кражбите. Се доцни со изградба на новите брани, старите се запуштени, додека дел од акумулациите се празни или полу празни заради потребите за производство на електрична енергија.
Иако засега проблемот со недостатокот на вода од врнежи како и од системите за наводнување на посевите не е изразен до тој степен да претставува висок ризик по земјоделското производство, сепак ако ги земаме во предвид сите сегашни индикации на ова поле, ќе заклучиме дека не сме далеку од денот кога недостатокот на вода и сушата ќе станат и наше секојдневие.
Феноменот „суша“ е светски проблем. Инфлацијата од зголемените цени на храната, како и недостаток на одредени земјоделски производи веќе ги почувствувавме на наш грб. Нашата држава како увозно зависна од храна ќе трпи несогледливи последици при голема суша и уништување на домашното земјоделско производство. Веќе го пречекоривме прагот кога требаше да почнеме со имплементација на мерки за одговор на овој феномен. https://antropol.mk/