вести

Пиво, вино или ракија – за што најчесто се одлучуваат Македонците?

sto pijat makedoncite

Различните институции даваат различни одговори на ова прашање, во зависност од методологијата која ја користат.

Пиво, вино или ракија?

Пивото е број еден алкохолен пијалак, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Според нивната анализа „Потрошувачката на домаќинствата“ секој возрасен граѓанин годишно консумира по 12.5 литри пиво, 1.8 литри вино и 0.65 литри жестоки пијалаци.

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека во земјава се пијат по 5.7 литри алкохол на годишно ниво – 50% од ова отпаѓа на пиво, 40% на вино, а само 10% на жестоки пијалаци.

Институтот за вино од Калифорнија тврди дека во земјава се пијат по 42 литри вино, а според годишните извештаи на пиварниците се трошат по околу 27 литри пиво.

Разликата во податоците се должи на методологијата, ДЗС не ги зема предвид домашното вино и ракија, Институтот за вино и СЗО се повикуваат на анкети.

Мал потрошувач, голем производител

Во Македонија има 89 регистрирани винарии. Годишно произведуваат по околу 100 милиони литри вино и многу помалку ракија.

Традицијата на производство на пиво е релативно долга. Првите пиварници, Скопската и Прилепската, биле отворени истата 1924-та година. Освен домашните брендови Скопско и Златен даб овде се прават и Амстел и Хајнекен. И двете фабрики постојано ја шират палетата на производи кои ги нудат.

Македонија повеќе извезува отколку што увезува алкохол, но тоа пред се се должи на виното. Од друга страна речиси 100% од жестоките пијалаци доаѓаат од увоз.

Топ 10 земји по консумација на алкохол

Според Светската здравствена организација топ 10 земји според потрошувачката на алкохол по глава на жител се: Молдавија со 17.4 литри, Белорусија со 17.1, Литванија со 16.2, Русија со 14.5, Чешка со 14.1, Црна Гора со 13.3, Романија со 12.9, Србија со 12.9, Австралија со 12.6 и Словачка со 12.5 литри. Во истиот извештај Македонија е на 99 место со проекција за годишна потрошувачка од 5.7 литри во 2015-та. Од друга страна најмалку алкохол се пие во Пакистан, Либија, Бангладеш, Сомалија и Авганистан, по помалку од 0.1 литар по жител.

Вотката – број еден жесток пијалак во светот

Според податоците на IWSR, фирма за истражување на пазарот, најпопуларен жесток алкохолен пијалак во светот е вотката чија потрошувачка изнесува 4.44 милијарди литри годишно, од кои, речиси 2 милијарди отпаѓаат на рускиот пазар. На второто место е румот со вкупна потрошувачка од 1.47 милијарди литри. На третото е вискито со 0.86 милијарди литри. По вискито, следува џинот со 0.44 милијарди литри, а на петтото место е текилата со 0.23 милијарди литри глобална годишна потрошувачка.


 

денар

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close