Пивски квасец за поголема млечност

Тој се користи во исхраната на свињи за тов, расни маторици, исхрана на телиња, молзни крави, во живинарството, одгледувањето животни за добивање скапоцено крзно. Кај сите нив се забележани резултати во зголемување на квалитетот и прирастот, намалување на времето на товот, продукцијата и квалитетот на млеко, како и квалитетот на крзно. Важно е да се знае дека квасецот треба да се смета како важен модулатор во дигестивната активност, со што ја подобрува конверзијата на храната, развојот на позитивни бактерии во дигестивниот тракт и со своите пробиотски својства влијае на подобрување на здравствената состојба на животните.

Во последно време најупотребуван додаток во исхраната на домашните животни е сточниот квасец. Тој е протеинска смеса од растително потекло, со многу квалитетен извор на протеини кој се користи во исхраната на сите домашни животни од сите категории. Се добива со размножување на квасни габи на различни подлоги, има светложолта до светлосива боја, со пријатен, карактеристичен мирис на квасец. Станува збор за биолошки полновреден производ, богат со белковини, минерални материи и витамини. Главната предност од употребата на сточниот квасец во сточната исхрана е тоа што во организмот се внесуваат сите потребни аминокиселини, чиј состав е многу близок со оној од белковините од животинско потекло. Покрај тоа, сточниот квасец е богат со витамини од групата Б, кои играат улога на активни катализатори при синтезата на белковините и усвојувањето на аминокиселините, богат е со витамин Д, микро и макро елементи: фосфор, железо, сулфур, калциум, натриум, магнезиум, кобалт, бакар и др.

Живите клетки од квасецот како дел од исхраната на животните, а особено на говедата, интензивно се користат повеќе од половина век со тенденција за нивна уште поизразена и помасивна примена. Живите клетки на квасецот кои се користат во сточната исхрана, најчесто претставуваат нуспроизводи во текот на процесот на превривање на етанолот при производството на пиво или се добиваат со директно одгледување во присуство на кислород. Клетките од квасецот содржат многу аминокиселини, кои сочинуваат 40% од вкупната содржина, поради што нивната хранлива вредност е многу висока. Имајќи го предвид фактот дека и во мали количества клетките на живиот квасец може да ги подобрат производните резултати кај молзните крави, квасците може да се сметаат за биорегулатори во исхраната.

Придобивките од употребата на додатоци на база на живи квасни клетки кај молзните грла се однесуваат на:
-Зголемено млекопроизводство,
-Зголемена содржина на протеини и масти во млекото,
-Зголемена консумација на сува материја,
-Зголемување на телесната маса кај младите телиња.

Поради тоа, храната базирана на употреба на живи квасни клетки станала вистински тренд во повеќето сточни фарми во западните земји, каде што се користат десетина различни производи на база на квасци. Најзначајни се: живиот сув квасец, сув квасец на база на торула, пивски квасец во сува состојба и култури на живи квасни клетки. Од овие видови производи само живиот сув квасец и културите на живи квасни клетки имаат моќ да ферментираат. Културите на живи квасни клетки се производ кој не се состои само од сув жив квасец, туку и од подлога на која е одгледан.

Биорегулатор кој дејствува на желудникот
Со детални испитувања научниците утврдиле дека квасецот како посебен вид биорегулатор, првенствено дејствува во желудникот, а значително помалку во останатите делови на дигестивниот тракт. Користењето на квасецот во исхраната на домашните животни дава повеќе позитивни ефекти како што се:
Ја регулира рН вредноста во бурагот преку стимулирање на развојот на некои микроорганизми кои се хранат со желудочните киселини, со што се смалува киселоста во таа средина;
Зголемено производство на пропионска киселина во бурагот што доведува до подобро искористување на храната;
Зголемена апсорпција на микроелементи како што се магнезиум, цинк, бакар, манган, селен и др., кои се поврзани со отпорноста на организмот кон болести;
Го стимулира развојот на анаеробни бактерии во бурагот вклучувајќи ги и целулолитичките и хемицелулотичките бактерии чиј број се зголемува и до 10 пати, со што доведува до подобра сварливост на целулозната биомаса;
Го подобруваат протокот на хранливи материи од желудникот во цревата, како и апсорпцијата на хранливите материи.

Share Button