fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Пласманот и ниските откупни цени се уште проблем број еден

Генералното собрание на Националната Федерација на фармери

Помина една од најтешките години за нас земјоделците. Штетите од корона кризата беа огромни. Настанаа големи пазарни нарушувања, се соочивме со проблеми при откупот на зелката, јагнето, винското грозје, тутунот. Оваа година тоа не смее да ни се случи. Но, и натаму сме исправени пред голем број предизвици. Пласманот и ниските откупни цени се уште се проблем број еден, проблеми ни предизвикуваат и климатските промени кои го отежнуваат производството на храна, во некои региони се уште не е решено водоснабдувањето, продолжува и неуморната борба со големите откупувачки центри во повеќето земјоделски гранки, беше речено на Генералното собрание на Националната Федерација на фармери (НФФ) што се одржа денеска онлајн.

ННФ апелира откупувачите навреме да склучуваат договори со производителите и согласно Законот за земјоделство до крајот на март да ги пријавуваат количините што планираат да ги откупат. Од надлежните, пак, бара навремена исплата на субвенциите и на поддршката од Програмата за рурален развој, како и ставање акцент, пред се, на регистрираните земјоделци кои се столб на македонското земјоделство и исплата на предвидените 20 проценти за нив во најбрз можен рок.

Изморени сме од проблемите и предизвиците со кои се соочуваме. На почетокот на годината се соочивме со ниски температури и пролетни мразеви кои во некои региони предизвикаа стопроцентно измрзнување на овошните и лозовите насади, а меѓу најпогодените беа Тиквешкиот и Радовшкиот Регион.

-Апелираме, најбрзо да се направи стратегија за справување со климатските промени во земјоделството кои се реалност повеќе од една деценија и во иднина ќе прават огромни штети, пласманот и ниските откупни цени на земјоделските производи и натаму се проблем број еден. Затоа, уште еднаш го нагласуваме барањето да се почитува Законот за земјоделство во делот на навременото склучување договори и нивно почитување од двете страни. Очекуваме навремена исплата на субвенциите и мерките од Програмата за рурален развој како мерката за активен женски член од семејно земјоделско стопанство за која имаше повик во 2019 година, а се уште не е реализирана. Посебен апел упатуваме до Владата и надлежните инстутиции 20-те проценти наменети за регистрираните земјоделци да се исплатат најбрзо што можат, напомена претседателка на НФФ, Васка Мојсовска.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа уште еднаш повтори дека земјоделството е клучен сектор во македонската економија и многу значаен работодавач, посебно во руралните средини. Интенција на Владата е, порача Хоџа, зголемување на производството и квалитетот, создавање конкурентни продукти со повисока додадена вредност кои ќе бидат извозно ориентирани.

КОВИД-кризата, подвлече Хоџа, покажа дека земјоделството и производството на храна се основа за опстанок.

-Земјоделството учествува со осум отсто во вкупниот БДП, околу половина од вкупната површина на државата е земјоделско земјиште на кое преовладува растителното производство. Приоритет на МЗШВ е зголемување на земјоделските површини, приносот и квалитетот. Тоа значи поголеми приходи во сите семејства кои се занимаваат со земјоделско производство. Изминатата година видовме дека иднината на човештвото зависи од квалитетот на животната средина. Количината, квалитетот, безбедноста и достапноста на храна се основните потреби од кои зависи опстанокот на сите нас, потенцира министерот.

И во оваа прилика Хоџа рече дека земјава има почвени и климатски услови погодни за производство на храна со одличен квалитет, а земјоделството е економска гранка со изразен поитенцијал за одржлив развој. Но, од друга страна, дополни, ранливоста на земјоделскиот сектор е дополнително поттикната од недоволниот развој во руралните области, нивната депопулација, стареењето на населението и помалиот пристап до финансиски средства.

-Подобрувањето на конкурентноста и одржливоста на земјоделските стопанства базирана на еколошките практики во производството кои водат до намалување на влијанието на климатските промени и прилагодување, како и обезбедување одржлив развој на руралните средини согласно ЕУ стандардите, се клучни цели кон кои се стреми МЗШВ, истакна Хоџа.

Во отворениот дел на Генералното собрание на НФФ, учествуваше и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски.https://makpress.mk/Home/PostDetails?PostId=408727

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close