fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Антикризните мерки да бидат применливи, одложувањето предизвикува несигурност и влијае на цените

Секое одложување предизвикува несигурност и влијае врз цените

Мерките за поддршка кои прават обид на подолг рок да го ограничат или замрзнат пазарот и цените, или да го контролираат, даваат обично само краткорочни, често слаби резултати и акумулираниот притисок врз бизнисите и цените со извесно задоцнување уште повеќе ескалира во иднина, што веќе сите го чувствуваме во изминатите неколку месеци, вели за МИА Борче Треновски, професор на Економскиот факултет во Скопје.

Секое одложување предизвикува несигурност и влијае врз цените

Прашан дали веќе требаше да бидат објавени и преземени мерки за поддршка на бизнисите и граѓаните тој порачува дека треба што поскоро да се утврди и објави конкретен план за планираните мерки. Секое одложување и нејасно толкување на мерки ќе предизвика дополнителна несигурност, паника, дополнително влијание врз цените и ќе има економски последици кои можат да се засилуваат во периодот кој доаѓа, предупредува Треновски.

-Кога се соочуваме со глобален економски непријател од овој калибар секој пука со муниција и оружје со кое располага, меѓутоа, во некои случаи прецизноста е особено важна, вели Треновски, и укажува на потребата од практичното користење на мерките и нивно едноставно и брзо спроведување.

Однесувањето на граѓаните и бизнисите, укажува професорот, е во зависност од нивните очекувања и информациите со кои располагаат. Секоја неизвесност, погрешна информација или недоволна информираност, може значајно да влијае на однесувањето на економските субјекти и понатаму врз ефикасноста на планираните економските мерки. Затоа не ретко во минатото во голем број случаи во бројни економии, сме биле сведоци дека понекогаш самата најава на определена мерка е доволна да ги смири пазарите и бранувањата во економијата.

-Ако се ставиме на местото на компаниите или граѓаните, не е тешко да утврдиме дека шумот од информации или најави дека ќе има мерки за нивна помош или ќе нема, дека ќе се замрзнат маржите, цените, дека ќе има други мерки, дека цените на суровините и енергијата ќе растат, дека можеби ќе обезбедиме поевтина енергија, дека ќе биде најтешка зима и можеби ќе има рецесија итн.. Сето ова влијае најпрвин бизнисите да ги вградат овие информации и очекувања во своите цени (да ги зголемат) и да ги прилагодат своите економски активности со цел да го заштитат својот интерес – профитот и преживување на бизнисот, наведува Треновски.

Оттука, дополнува, делумно станува појасно зошто бизнисите кај нас се повеќе ги вградуваат своите очекувања за цените и идните политики во цените. На пример, и покрај намалувањето на глобалните цени на храната пет месеци по ред, се уште сме сведоци на зголемување на доминантен дел од цените на домашниот пазар, што во еден дел е резултат и на повисоката цена на електричната енергија. Граѓаните исто така, колку што е можно ќе се прилагодат на очекуваната состојба, менувајќи го своето однесување и активности во рамки на нивните можности и домашен буџет, придружено со извесно незадоволство или задоволство од очекуваните состојби.

Како што вели Треновски, не смее да се остави вакуум во комуникацијата и подготовката на мерките со кои се планира да се помогнат најпогодените граѓани и бизниси. Секое одложување и нејасно толкување ќе предизвика дополнителна несигурност, паника, дополнително влијание врз цените и ќе има економски последици кои можат да се засилуваат во периодот кој доаѓа.

– Потребно е што поскоро утврдување и објавување на конкретен план -календар за планираните мерки (нивно постепено воведување или предвидена можност за модификација според потребите) кои ќе бидат преземени, со јасно дефиниран рок на траење, јасно определен опфат на бизниси и граѓани и јасна процедура за користење. Посебно внимание е потребно околу надминување на предизвиците и процедурите за практично користење на мерките, кои често беа камен на сопнување во целосна и брза имплементација на определени мерки во минатото – потребно е едноставно и брзо, изјави Треновски.

Имајќи предвид оти буџетскиот капацитет е ограничен, а финансиска поддршка е неопходна, потребни се два аспекти на делување.

-На една страна, чесно и отворено елаборирање на реалниот фискален капацитет за поддршка кој го имаме со јасно презентирање на планирани активности за мобилизација на дополнителни јавни средства/приходи (поголема ефикасност, помалку сива економија, зголемување на определи давачки/даноци, замрзнување на определени расходи, институционална/административна рационализација, задолжување итн.) кои можат понатаму да се искористат за поддршка. Нашиот, моментален најавен капацитет за делување од 70 до 80 милиони евра, споредено со 10 до 20 пати поголемите пакети кои ги спремаат дел од нашите соседи членки на ЕУ – јасно ги исцртува можностите со кои располагаме. На друга страна дизајнирање на поддршка која е доминантно насочена поддршка онаму каде што е најнеопходно -најпогодените бизниси и групи на граѓани, укажува Треновски, во однос на тоа какви мерки ни се потребни.https://nezavisen.mk/antikriznite-merki-da-bidat-primenlivi-odlozhuvanjeto-predizvikuva-nesigurnost-i-vlijae-na-cenite/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close