По две децении иницијативата за прогласување за национален парк, Шара влезе во институциите на системот
По дваесет години откако започна иницијативата за прогласување на Шара за национален парк, владата одлучи го прогласи за заштитено подрачје.
Од Платформата Пријателите на Шара го поздравуваат ваквиот чекор. Велат дека во процесот на прогласување се вклучени од 2015 година, се со цел зголемување на свеста на населението, пред се локалното за значењето на Шара. Свесни се дека постапката за прогласувањето се одолговлекува, но како што велат подобро е да се заштити подоцна, отколку да остане подрачјето воопшто незаштитено.
-Ние како платформа знаејќи ги продбивките од прогласувањето понатаму ќе работиме и се надевам дека ќе имаме четврти национален парк во земјава. Ние имаме неколку размислувања најважно е да се прогласи, па макар и подоцна, отколку ништо да не се случи. На пример во 2015 година луѓето не беа информирани што е тоа национален парк. Нашите наоди се дека локалното население не знаеше што е тоа национален парк и неинформираноста на властите се злоупотребуваше. Наводно оттаму велеа дека локалното население не сака Шара да биде прогласена за национален парк, но потоа се утврди дека локалното население сака Шара да биде заштитена. Овој процес можеше да се заврши и порано и ќе се спасеше дел од планината, но подобро е да се задоцни отколку воопшто да не се прогласи, рече Метин Муареми од Платформата Пријателите на Шара.
Од Здружението Еко Герила, велат дека долгиот процес на прогласувањето на Шара за национален парк придонел голем дел од природните убавини да се уништат, а некои дури и да исчезнат. Во понатамошниот процес исто така е важно да се внимава на зонирање на границите на идниот парк.
-Процесот е важен, важно е јавноста да се вклучи во овие дебати каде што ќе се одлучува. Важно е зонирањето, да се внимава каде ќе се ставаат границите и да се видат кој какви концесии има на Шара и дали тие се добиени додека трае евалуцијата, затоа што додека трае евалуцијата не треба да се даваат никакви концесии.Овие моменти се важни. Ова може да трае со години, во зависнот од тоа со какви проблеми и пречки ќе се соочуваме, но важно е да работиме поекспедитивно. Шара го има статусот на национален парк, но треба да се дефинираат некои термини, а треба да има и посебен закон. Мислам се е можно, сакаме да кажеме дека ова не е предизборно прогласување на Шара за национален парк, мора да мислиме на следните генерации на природата на планината. Штетата е голема на пример со дивата сеча, со водата на пример ќе ги спомнам жителите на Доброште кои поради изградба на хидроцентралите тие немаат вода и треба да се види кој дал дозвола за тие хидроцентрали да се градат на Шара, рече Аријанит Џафери од здружението Еко Герила.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање, истакнаа дека Статусот на заштита бил утврден од страна на експертски тим кој спровел студија за валоризација на подрачјата и со која било утврдено дека Шара содржи биолошки и културни вредности за чие зачувување треба да бидат преземени мерки.
Оттаму истакнаа дека со прогласувањето државата ќе ги исполни стратешките цели, но и меѓународните обврски, а голем економски бенефит ќе има државата, општините, а пред се локалното население.
-Со финализирањето на овој процес ќе се зголемат можностите за преку гранична соработка со соседните земји, посебно од аспект на фактот дека Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа. Истовремено, заштитата на овие подрачја значи и напредок во исполнувањето на обврските од ЕУ директивите за живеалишта и птици.Важно е да се напомене дека соодветното управување со заштитените подрачја значи искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги. Тоа подразбира заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности, заживување на селата во и околу заштитеното подрачје преку развој на екотуризмот, традиционалното земјоделие и овчарството, истакна Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Согласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја, ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни. По усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации, кои повторно ќе бидат доставени до Владата за усвојување.
Шар Планина на страната на Косово прогласена е за национален парк пред 30 години. Ако се заштити и на македонската страна, овој планински предел би преставувал најголем заштитен појас во Југоисточна Европа.
Зоран Димовски