вестиТоп вести

По садењето, на ред  дојде и крадењето на новите  садници  во Градскиот парк во Битола

По садењето,  за само една недела на ред дојде и крадењето на новите садници во Градскиот парк во Битола,  донирани од општествено одговорни компании во градот .

Во трите парцели за зеленило и цвеќе низ Градскиот парк недостасуваат садници , а на нивно место зјаат празни дупки.

Само од една парцела се откорнати и одземени 5 садници.

На 21 овој месец  овие садници беа донирани како дел од акцијата „Дај свој придонес-засади дрво“ што ја иницираше компанијата „Интерворкс“ од Битола. Годинава на “Интеворкс“ и се приклучија уште 8 битолски компании; „Синпекс“,„Бимилк“, „Кромберг и Шуберт“, „Хемометал“,„Киро Дандаро“,„ Кус Кус“ и „Цилиндо“,со тоа што акцијата се одвиваше  со поддршка на Општина Битола и ЈП „Комуналец“.

Како што рече Јасмина Антиќ -Атанасовски, од „Интерворкс“ оваа година ќе се засадат  2800 садници, од кои 1030 на јавни површини, во дворовите на основните училишта, градинките, Зоолошката градина, градскиот парк и во Клиничката болница, а останатите садници ќе бидат доделени на физички и правни лица кои  ќе  ги засадат дрвцата во своите дворови.

Од ЈП „Комуналец“ уште тогаш напоменаа дека потребно е подигање на свеста кај граѓаните за однесувањето кон новите садници и воопшто животната средина.

-Постојано имаме поплаки од граѓаните и институциите, се жалат од училиштата, дека се откорнати  многу садници од акцијата на „Интерворкс“ што се реализираше минатата  година. Ние од  „Комуналец“ тоа го чувствуваме секојдневно, затоа што и површини кои хортикултурно ги уредуваме и одржуваме,  постојано се уништуваат.  Граѓаните мора да покажат повисока свест , дури и да укажуваат, да сликаат, да пријавуваат. Јас ги охрабрувам, затоа што мора да најдеме начин, нека биде разговор, предупредување, да делуваме превентивно. Ако сите заедно не се грижиме, не можеме да имаме добра животна средина, апелираше Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“-Битола.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close