fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Почна жетвата на оризот. Годинава се очекуваат намалени приноси и пониски откупни цени

Оризо производителите бараат интервенција од државата по најавите за ниски откупни цени годинава.

Жетвените комбајни ги запоседнаа кочанските оризови полиња. Но врнежливото време предизвикува чести прекини и застои во жетвата. Оризо производителите во најголемиот производен регион сега се во трка со времето за што побргу да стасаат да ја соберат реколтата пред да се влошат временските услови. Она што најмногу ги загрижува покрај лошите временски услови се најавите за ниски откупни цени.

Во магацините по фабриките за преработка на ориз како и магацините по дворовите на земјоделците се проценува дека има околу 30% залиха од лани што е причина за тоа да почне жетвата а воопшто да не е почнат откупот на кочанското бело злато. Засега нема ниту официјално истакнати откупни цени па земјоделците мора да се снаоѓаат со простор по дворовите за да го приберат родот и да го просушат малку заради големиот процент на влага по врнежливиот период. Засега од она што коко информации до кочанските оризо производители стасало е дека откупните цени ќе бидат под 20 денари.
-Ние имаме иницијативен одбор за спас на оризо производството кој е во постапка да прерасне во здружение. Бараме средба со министерот пред да донесеме одлика да организираме протести и целодневни блокади на магистралниот пат кај Облешево. Нашите барања се откупот да биде како во сите европски земји односно да се откупува оризова арпа и тоа по цени од 25 денари за најниските класи до 30 денари за високо квалитетните сорти на ориз. Ова ако не може да се постигне тогаш државата сметаме дека треба да интервенира со 4 до 5 денари по килограм за да се спасат производителите да не го даваат оризот по цени пониски од производните. Ако остане цената само од откупувачите која се најавува дека ќе биде околу 20 денари за следната година ќе имаме 50% помалку ниви засеани со ориз рече Здравко Арсов земјоделец од Облешево.


Годинава уште од самиот почеток беше проблематична за кочанските оризо производители. Тие се жалат дека годинава многу доцна добиле вода за да се залеат нивите што е основен предуслов да започне сеидбата. Проценките нивни се дека само заради задоцнетата сеидба приносите кај оризот ќе бидат намалени за 30 а на места и до 40%.
– Оптималните датуми за сеидба на оризот се од 15 април до 5 мај најдоцна. Ние оваа година вода по нивите добивме на 15 мај а во подолните зони и подоцна па сеидбата задоцни и се одвиваше до крајот на мај што е многу доцна. Заради ова жетвата доцни со 20 дена и сега кога почнаа дождовите ние сме во трка со време да го прибереме родот, кој дождот уште зелен го полегнал и нема време да се дозрее за да има добар квалитет кој е пресуден за да нема многу крш при белеењето во фабриките. Колку повеќе крш се појавува во фабриката толку нас ни се намалува приносот и со тоа и со намалената родност на нивите ние губиме и сме не рентабилни во земјите од регионот заради што и често се случува и кај нас да има увоз иако имаме големи залихи на ориз рече Стојче Ташовски млад земјоделец од Облешево.
Друг проблем освен не навреното пуштање на водата заради што доцни жетвата е недостигот од квалитетен семенски материјал. Според земјоделците годинава и лани немало воопшто увоз на квалитетен семенски материјал па се сее меркантилен ориз наместо семенски што драстично се одразува на рандманот односно колкав процент на бел ориз ќе се добие од арпата при процесот на белеење а се одразува директно и на приносите. Годинава оценките се дека родот по декар ќе се движи од 500 до 600 килограми додека при употреба на квалитетен семенски материјал и со наврена сеидба родот тежи од 800 до 900 килограми од декар. Токму тие се двете главни причини зошто е нерентабилен оризот и зошто цените се ниски и неисплатливи за земјоделците и бараат дополнителни субвенции за доплата на разликата. Маринко Зафиров од Чешиново е долгогодишен оризо производител со околу 60 декари површина. Оваа година е разочаран од состојбите во кои се наоѓаат оризарите. И тој ја дели истата судбина како и сите производители на ориз во најпознатиот регион. Ако продолжи врнежливото време да прави прекини во жетвата може да се случи комбајните да се во нивите додека да падне снег.
-Оваа година доцниме со жетва 20 дена заради тоа што доцна ни ја пуштија водата. Секоја сорта на ориз си има свои потреби од денови на вегетација кои треба да ги помине за да има добар квалитет што се гледа во рандманот како и повисок принос. Најзастапената сорта Сан Андреа си бара период на вегетација од 150 до 155 дена. Ние сега брзајќи да го собереме оризот заради тоа што веќе навлеговме во есента го жнееме оризот со 30 дена порано што се одразува рече Маринко Зафиров од Чешиново.
Годинава заради сушната пролет површините под ориз беа ограничени на 3500 хектари што е за околу 1000 хектари помалку од пред неколку години кога имаше доволно вода во акумулацијата и земјоделците го произведуваа без проблеми.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close