fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Александра Огненоска-Земјоделците заслужуваат навреме исплатени субвенции, а не празни зборови

Во земјоделието нема лесна работа, затоа земјоделците заслужуваат помош и бараат навремена исплата на субвенциите.

Тешко е за земјоделците кога ќарот од пиперот и од тутунот завршува во џебот на откупувачите. Затоа голема е „борбата“ да се продаде родот на пазар и производството да биде барем малку порентабилно, смета Александра-Ане  Огненоска (29), жена земјоделец од селото Лагово, прилепско, производител на пиперка капија и тутун.

Семејството Огненоски брои 9 члена, Александра и Влатко се родители на 4 девојчиња Симона, Евгенија, Елена и Ева и сите сложно со родителите на сопругот и братот, живеат, работат и опстојуваат исклучиво од земјоделие и сточарство. Ова семејство обработува 20 декари тутун.

Александра вели дека земјоделците заслужуваат помош и единствено бараат навремена исплата на субвенциите.

-Како жена земјоделец и мајка која расте деца од земјоделие, морам да кажам дека државата треба да води поголема грижа за нас производителите на храна, субвенциите мора да бидат навремени, висината на тие субвенции да биде реална, за да можеме да работиме, за вложуваме. Не може да чекаме со месеци, со години исплата на она што сме го заслужиле. Како сега што сме со месеци во исчекување на петтиот пакет помош за тутунот. Дали ќе се исплати, само тоа прашуваме, ама се е закочено. И за млекото субвенциите не ни се исплатени во целост, ниту пак за пиперот, за бавчите, вели Александра.

Во земјоделието нема лесна работа

Ова земјоделско семејство покрај пиперот и тутунот, произведува и компир и други градинарски култури како и житарици и сточна храна потребни за фармата со 25 крави.

Годинава црвена пиперка, капија собраа над 10 тони род.

-На три декари произведувам пипер, добар дел од таа количина е пиперка капија за ајвар, ама имаме и од другите сорти. Работиме и бел пипер и црвен за нижење. Досега родот го продаваме на пазар, инаку на откуп се зема за џабе, за без пари и е неисплатливо. Ако пиперката капија на пазар оди до 40 денари за килограм, на откуп е само од 16 до 17 денари. Разликата е голема и досега на откуп не сме дале од капијата. Всушност според разликата во цената се гледа кој ни ја јаде маката на нас земјоделците. Затоа секоја среда и сабота кога е пазарен ден во Прилеп, нашето семејство продава на пазар, вели Александра.

Семејството Огненоски е голем производител и на тутун. Годишно произведува и до 6 тони тутун. Годинава овие наши тутунари велат дека се задоволни од квалитетот на тутунот и очекуваат добра цена, секако ако откупот е реален.

-Според бербата многу сме задоволни. Квалитет има тутунот. Само да видиме како ќе помине откупот. Лани не бевме задоволни како и грото тутунари, сега пред нас е голема неизвесност, вели Александра.

Запрашана која земјоделска култура е потешка за работа дали пиперот или тутунот, Александра вели двете подеднакво.

-И едното и другото е тешко. Во пиперот можеби навидум има помалку работа. Дури да се насади да се нагрли, да се сработи, после тоа само наводнување му треба. Додека пак тутунот е помачен, особено што кога бериш една рака треба веднаш да навадиш за да стаса втората. Се’ се работи набрзина за да може да просперира, вели Александра.

Најголемиот проблем за земјоделските од прилепско Лагово сепак е наводнувањето на нивите. Александра вели дека без вода родот не може да успее, а се случува иако нивите им се покриени од хидросистемот, вода да нема во клучните фази за развој на плодот.

-За да произведеме пиперка, што би се рекло како за своја душа ни треба наводнување во сите фази на развој на плодот. А нас ни се случува баш кога ќе треба пиперката да го фрли цутот да ни ја запрат водата. Реагираме, но нема трајно решение, вода ќе пуштат во главниот канал, а не по малите споредни канали и ќе се направи штета, вели Александра.

Семејството Огненоски се радува на дождот и веќе се подготвува за есенската сеидба.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close