Почнуваат првите средби со земјоделците за консолидација на земјиштето
Денес почнуваат средбите со земјоделците во Царев Двор, Спанчево, Соколарци, Логоварди и Оптичари кои треба да го консолидираат своето обработливо земјиште. Ќе се утврдува дали и колку се подготвени да ја спроведат консолидацијата.
Како што беше речено на денешната информативна работилница во Министерството за земјоделство, веќе се склучени договори со геодетски компании кои треба да ги изготват студиите за изводливост на процесот на окрупнување на земјиштето.
Ќе се спроведува детална проценка на моменталната состојба на терен за да се утврди подготвеноста на земјоделците и сопствениците на земјиште за вклучување во процесот на консолидација. Избраните геодетски компании минатата недела ја добија првата обука за изготвување физибилити студии преку кои ќе се провери дали се задоволени сите предуслови за успешно окрупнување на површините во избраните пет области, истакна министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Тој информира дека до март идната година геодетските компании ќе работат со земјоделците и локалните заедници за успешно спроведување на консолидацијата.
Во март годинава ги објавивме првите 12 избрани локации со најголем потенцијал и интерес за окрупнување на земјоделското земјиште: Стојаково, Логоварди, Трн, Оптичари, Жабени, Лешани, Чешиново, Соколарци, Спанчево, Чифлик, Царев Двор и Моноспитово, нагласи министерот.
Вирве Вимпари од Делегацијата на ЕУ во Скопје и Вилма Даугалине, главен технички советник на ФАО во проектот „Маинланд“, потенцираа дека процесот на консолидација не е воопшто едноставен и за негово успешно спроведување е неопходна соработка, како и координација меѓу сите чинители: институциите, науката и земјоделците. Крајната цел е одржлив развој и креирање подобри услови не само за земјоделците, туку и за граѓаните воопшто.
Проектот за консолидација нема да заврши со засега избраните 12 локации. Како што најави министерот Николовски, последниот период треба да почне избор на уште 12.