fbpx
ВестиСоветиТоп вести

Под итно сеење на суво –  препорачуваат агрономите

Веќе подолго време сушата ги мачи земјоделците и ги попречува во извршувањето  на  есенската сеидба. Под итно да се изврши сеење на суво, препорачуваат агрономите. Слични вакви години имало и во минатото, но наместо да се чека дожд семето да се стави во почвата, порачуваат стручните лица.

„Моментално состојбата во аграрот околу есенската сеидба е многу тешка. Од 1978 година во моето работење вакви години имало 4-5 пати. Најголем проблем е што не може да се обработат површините и да се постигнат оние агротехнички оптимални  рокови. Не треба да се чекаат дождови и да се почне веднаш со сеидба. Во вакви услови најдобра операција е подривањето. Тоа  да не биде под 10 см, објаснува во разговорот со Зелена берза м-р  Иван Зафировски , агроном во пензија, а воедно и член во Советодавното тело на Зелена берза.

Најкасните рокови се на 15 ноември, но праксата покажува дека се сеело и многу подоцна. Но колку подоцна се посее тоа ќе се одрази неповолно врз развојот на растението, а подоцна и врз приносите. Сменети се времињата, но сега сменета е и механизацијата, што значи дека, со соодветна механизација треба да се пристапи кон подготовка на почвата.

М-р Иван Зафировски објаснува зошто треба да се изврши сеидба на суво?

„Сеидбата на суво ќе се изврши потешко, ама ќе се добие во време за развој на пченицата. На пченицата и се потребни 30 – 40 дена за да се реализираат трите фази од органогенезата , кои се многу важни, зашто од нив зависи квалитетот и приносите на пченицата. Ако се посее сега, во овој рок на суво, на пример  ако  заврне на 15 ноември, од 15 до некаде крајот на ноември пченицата ќе поникне.

Ако се чека да заврни на пример 15 ноември, ние дури да ја спремиме  почвата, ќе влеземе со сеење негде крајот на ноември и почетокот на декември. За поникнување на пченицата и требаат  сума на температури од 165 степени целзиусови. Оваа сума на температури цел јануари пченицата нема да ја достигне.

Што значи ќе се доцни и ќе  имаме никнење  дури во јануари, а  тој збир од  165 степени во месец декември не може да се соберат (бидејќи времето е поладно и има помалку сончеви саати), ќе собери на пр. 30% помалку. Ова оттаму, оти имаме многу малку температури во плус, а тоа значи дека во 24 часа, колку ќе останат помеѓу плус и минусот, разликата е таа сума.

Тоа влијае на развојот на семето и  ќе се одложи никнењето во јануари“, објаснува Зафировски.

„Колку периодот на братење е подолг  толку се поквалитетни и зрното и приносот. Затоа, сега треба да се сее пченицата, макар нека заврни на 15 ноември дожд, бидејќи уште е топла почвата,  и ќе може онаа  сума од 165 степени да се постигне , дури и  надмине за тие 15 дена. Семето почнува да работи кога ќе добие влага, дотогаш е во мирување, но сепак добива во време цел месец за  квалитетно да се извршуваат фазите на   органогенезата“ додава тој.

Го запрашавме Зафировски во ваква состојба,колку е важна сортата на семето?

„Не зависи ништо од семето. Ние имаме високо приносни сорти на семе, но во ваква состојба , секое семе ќе никне исто и сите ќе имаат соодветно намалување бидејќи овој временски период што се губи, се губат  три нормални фази од развојот на зрното , и на крајот ќе дојдеме до таква ситуација да имаме 30% помалку. Затоа велам, веднаш итно да се изврши сеидба на суво“ сугерира Зафировски.

Тој вели дека онаа пченица што ќе се посее сега, ќе биде многу поотпорна на ниските температури, од онаа што би се посеала подоцна, за која постои опасност од угинување и измрзнување.

Со доцна сеидба не може да се добие добар принос, но сепак треба да се внимава на агротехничките мерки

 

Во вакви услови ако се посее, заедно со сите оние агротехнички мерки, заради немање влага не  може да се очекува највисок принос, но може да се очекува тоа да биде околу просекот. Ако се чека доцна сеидба, приносот ќе биде под просекот. Ова го покажува искуството.

„Во рамки на агротехничките мерки треба да има есенско ѓубрење 50 кг чист елемент азот и 50 кг чист елемент фосфор. Тука се познатите ѓубрива 20 : 20 кои најмногу одговараат за есенско ѓубрење на пченицата. Што се однесува за почвената анализа, не е лошо секој сопственик да си ја знае состојбата на почвата, каков е нејзиниот хемиски  состав,  дали има доволно фосфор и калиум. Калиум во почвите во Македонија има, но фосфорот  е многу слабо застапен, посебно во Пелагонија“, посочува  м – р Зафировски.

„Од моето досегашно професионално работење има 5-8 мг на 100 гр почва, а тоа е многу слабо. Најнормално е да биде од 15 – 20мг. Затоа  после подривањето веднаш се пристапува кон фрлање на ѓубрето, по него оди тањирачот,  по што следи кримлирање, бранување па сеење. Веднаш да се почне со површинска обработка , никако со плуг бидејќи плугот ќе крени големи грутки што ќе доведе до дополнителна обработка, а со тоа и зголемување на трошоците“, објаснува М- р Зафировски.

Институтите  се најодговорни за квалитетот на семето

Покрај претходно споменатите фактори, за добар принос потребно е и добро семе. Во денешно време на пазарот може да се најдат најразлични семиња. Како да се направи вистински избор на квалитетно семе што ќе им донесе повисоки приноси  на земјоделците, е исто толкав проблем како и моменталната суша. Земјоделците секојдневно се бомбардирани со најразлични  информации за семиња , препарати и сл. Некои искуството ги научило да направат правилен избор, но секако тука  најмногу може да помогнат агрономите, кои за волја на вистината ги има сè помалку.

„Во една држава најодговорни за семињата се институтите. Ние го имаме заобиколено институтот и сите сè правиме кој од кој поголеми производители. Не поседуваат основи  во нивните организации,  а тоа агроном, па камоли доктори на науки и други повисоки кадри. Сакам да кажам дека семето се произведува на нива. Во Македонија единствено место каде што може да се произведува квалитетно семе е ЗИК Пелагонија, бидејќи има најдобри површини со  рeдовен плодоред  каде може да се произведе, што е најважно за семето. Во Македонија веќе се произведува семе на монокултури, да не речам дури и од меркантилното и  се прават многу малверзации. Се знае кој треба да даде зелено светло, кој институт одговара, тој не може да произведе кај нас  сорта семе, но може да го репродуцира на едно високо ниво. Го кажувам ова од моето долгогодишно работно искуство“, вели за Зелена берза м-р Иван Зафировски.

Павлина Јовановска

 

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close