Поднесени над 200 барања за обесштетување од невремето во Прилепско
За еден ден се поднесени преку 200 барања за обесштетување на земјоделците од прилепските села Мало и Големо Коњари, како и од населбата Варош за штетите од завчерашното невреме.
Комисијата за проценка е на терен и ја скенира ситуацијата.
-Очекуваме постојано да стигнуваат барањата за обесштетување на земјоделците од погодените реони во Прилепско. За еден ден пристигнаа преку 200 барања. Во 90 отсто станува збор за 100-процентна штета на површините со тутун, вели претседателот на Општинската комисија за штети Жарко Северкоски.
Прилеп побара да се прогласи елементарна непогода зашто 100 отсто е уништен родот, главно, на тутунот, пиперот и дел на житните култури на преку 600 хектари.
Со невремето се погодени околу 1.000 земјоделски семејства во реоните на селата Мало и Големо Коњари, месноста „Орде Чопела“ и во атарот на населбата Варош.
Рокот за пријавување на штетите е до трети август.