
Покачен е водостојот на реките во Битолско засега ситуацијата е стабилна
Се чистат каналите кај селата Карамани и Лажец
Намален е притисокот на водата во водоснабдувањето во Битола поради интензивните врнежи од дожд кои ги заматија водотеците на Пелистер. Вода моментално се користи исклучиво од Стрежевското Езеро.
„Битола пие чиста вода од Стрежевското Езеро. Притисокот во чешмите е намален бидејќи ноќеска имаше прекин на струјата во пумпна станица и на филтерница. Бидејќи од планина се слева матна вода со органски материи, ЈП Водовод ја користи само стрежевската вода со капацитет од 500 литри во секунда“, изјави за Независен, Андреј Гинов директор на ЈП Водовод Битола.
По обилните врнежи, екипите на „Водовод“ Битола интервенираат со механизација и работници на критичните точки во селата Карамани и Лажец за навремено справување со последиците.
„После интензивните дождови, екипите на јавните претпријатија и Водостопанство Битола се на терен.
Со механизација и работници се интервенира на сите критични точки за навремено справување со последиците од обилните врнежи.
Засега ситуацијата е стабилна, а екипите ќе продолжат со активности во текот на целиот ден, онолку долго колку што е потребно“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.




