Помалку овошје, поскап зеленчук – климатските промени ни ги празнат пазарите
Климатските промени сè повеќе се чувствуваат и врз земјоделството, оставајќи ги земјоделците да се справуваат со доцни мразеви, долги суши и екстремни временски услови.
Овие промени, според агрометеоролозите, веќе силно удриле врз приносите и врз квалитетот на овошјето и зеленчукот.Ако не се преземат соодветни мерки, Македонија би можела да се соочи со сериозни последици по производството на храна
Доцни мразеви и сушни лета – катастрофа за земјоделството
Агрометеоролозите предупредуваат дека доцните пролетни мразеви и долготрајните летни суши значително ги намалиле приносите од традиционалните земјоделски култури.
„Минатите пролетни мразеви предизвикаа загуби од 40% кај некои овошни видови, додека летната суша го намали приносот на доматите и на пиперките за речиси 30%. Климатските промени влијаат и врз квалитетот – овошјето и зеленчукот се со помал нутритивен состав и со полош изглед“, објаснуваат експертите.
Тие додаваат дека екстремните временски услови се закана и за идните приноси.
„Не можеме да ги игнорираме климатските промени. Тие се тука и мораме да реагираме“, велат познавачите на состојбите.
Решенија за спасување на земјоделството
Според земјоделските стручњаци, клучно е воведувањето на агротехнички мерки и инвестиции во современа технологија.
„Наводнувањето со систем капка по капка, заштитните мрежи од мразеви, подобрените сорти отпорни на климатски услови и навремени агрохемиски третмани се некои од начините да се намалат негативните ефекти“, објаснуваат експертите.
Тие нагласуваат дека државата треба да вложи повеќе во поддршка на земјоделците.
„Финансиската поддршка за модернизација на земјоделските техники и едукација за справување со климатските предизвици се од суштинско значење. Во спротивно, ќе останеме и без ова што го имаме“, предупредуваат експертите.