fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Почна жетвата на оризот во Кочанско

Годинава на полињата што се наводнуваат од хидросистемот „Брегалница“ беа засеани околу 3.500 хектари со ориз, од кои според просечниот принос се очекува да се соберат над 22 илјади тони оризова арпа.

Комбајни и земјоделска механизација денеска влегоа во нивите во Кочанско, со што го означија почетокот на жетвата на оризот од овогодишната реколта.

Првите количини оризова арпа се собраа на површините на компанијата „БМФ“ во атарот на Зрновци, а оризопроизводителите искажаа оптимизам од квалитетот и приносот на родот.

-Денеска го ожнеавме првите неколку хектари во месноста Герен и според првичните проценки приносот е за петнаесетина отсто поголем од лани, а исто така и квалитетот на зрното е многу подобар. Водата за полнење на нивите беше пуштена навреме и ги засеавме во средината на април со сортата опале, па токму во оптималниот рок стартуваме со прибирање на производството. Зрното има влажност од околу 25 отсто, што влијае врз намалување на загубите при жетвата, по што ќе следи третман во сушара за да се добие оптималниот квалитет за преработка и складирање, истакна Марјан Ангелов, директор на компанијата „БМФ“.

Од водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани, која стопанисува со хидросистемот во источниот регион, нагласија дека наводнителната сезона успешно е реализирана и завршена, со зголемување на површините со ориз за над една четвртина во споредба со првичните проценки.

-Водата во оризовите ниви оваа сезона ја пуштивме на 10 април и точно по пет месеци почна жетвата на оризот, што е за околу две недели порано во однос на минатата година. Со добро планирање и распоред на наводнувањето во текот на летниот период, обезбедена е нормална вегетација на растението кое веќе е созреано и може да се собира, а присуството на комбајните во нивите е потврда за тоа. Наскоро очекуваме жетвата да почне и во атарите на другите села во кочанскиот, но и во виничкиот регион, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“.

Годинава на полињата што се наводнуваат од хидросистемот „Брегалница“ беа засеани околу 3.500 хектари со ориз, од кои според просечниот принос се очекува да се соберат над 22 илјади тони оризова арпа.

МИА

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close