ПОСКАПИ ЦИГАРИ: Некои брендови поскапеа за 10%, ценовниот раст ќе продолжи ?
Ново поскапување на цигарите. Цената на некои од брендовите се зголеми дури за 10%. Ова пролетно поскапување е во рамките на планираната законска динамика за зголемување на цените на овој акцизен производ. Имено, законската регулатива предвидува раст на цената на цигарите секоја година, најмалку за 4 денари и овој цикулс треба да трае до 2023 година.
Во продавниците во земјава дел од брендовите веќе се продаваат по повисоки цени. Според информации од терен, дел од пратките со нови цени биле испорачани пред неколку денови а цените во малопродажниот систем се корегирани веднаш потоа, па така веќе од вчера се продаваат по нови цени.
“Да, имаме нови цени за цигарите. Пред еден ден ги внесовме во систем и веќе се продаваат по повисоки цени, корекцијата е засега е само кај одредени видови на цигари“ – вели вработена во еден од скопските трговски маркети.
Вчера, по нова повисока цена за 10 отсто, цигари купила и една скопјанка.
“Марлборо досега го плаќав 100 денари, сега чини 110 денари“ – вели Снежана.
Според информациите, за 5 денари е зголемена и цената на дел од брендот “Ронхил“ а нови цени се очекува да има и за дел од брендот “Вест“
Последното поскапување се случи лани, во април. Тогаш, за пет денари поскапеа цигарите „Вест“ (силвер, ред и вајт), „Волтер Вулф“ (блек и вајт) и „Ронхил Вејв“ (голд и блек).
Со сегашното тепомо на зголемување на цените, одредени брендови можат да поскапат и до 200 денари или 3,2 евра, цена која веќе е присутна во земјите од соседството кои се членки на Европската Унија. Во Македонија постепеното поскапување на овој акцизен производ се предвиде со Законот за акцизи на цигарите и производите од тутун а почна на 1 јуни 2015 година , кога акцизата се зголеми за 0,15 денари по парче. Дел од парите што ќе се обезбедат наплата на зголемената акциза треба да се вложат во подобрување на здравствената заштита на граѓаните.
По основ на наплатена акциза по сите основи, лани во Буџетот се слеале 375 512 200 евра, и во однос на прокецијата со ребалансто, кај приходите од сите акциси има потфрлување за 1,05%.
Поскапите цигари треба да влијаат дестимулативно врз пушењето, особено што македонските граѓани важат за страсни пушачи, кои пушат и до 20 цигари дневно. Според одредени мерења потрошувачката на цигари во земјава во последните четири години бележи континуиран пад од 2 до 4 отсто, тренд кој е присутен во Европа изминатите 15 години. Сега, со новото поскапување на цигарите, а сеуште “плиткиот џеб“ на потрошувачите, се очекува зголемување на бројот на граѓани што ќе ги откажат цигарите или барем ќе да се намали бројот на консумирани цигари.