fbpx
ВестиСовети

Последици од недостаток на хранливи елементи кај пченката

Хранливите елементи се многу важни за раст и развој на сите растителни култури, а посебно за пченката. За полесно препознавање на состојбите и недостатоците, наведуваме неколку симптоми на болести кои можат да се појават кај насадите со пченка, ако на растенијата им недостасуваат одредени хранливи елементи.

Поради неправилно ѓубрење, односно недоволно внесување на потребните количини хранливи елемнти или поради појава на антагонизам помеѓу нив, во земјиштето, доаѓа до недостаток на поединечни растителни хранливи материи. При недостаток на поединечни елементи се нарушува нормалниот тек на растот и развојот на растенијата кај пченката. Настануваат промени во самото растение, кои се манифестираат со низа надворешни промени. Меѓутоа, како што тврди дипломираната инжинерка за земјоделство Светлана Јерниќ, тие симптоми често се мешаат со симптомите кои се појавуваат под дејство на различни патогени влијанија.

Недостатокот од азот кај пченката го забавува развојот на растенијата

При недостаток од азот се забавува растот на растенијата. Тие добиваат светлозелена или жолтозелена боја, се прекинува создавањето на хлорофил, се намалува интензитетот на фотосинтезата и метаболизмот на протеините. Недостатокот на азот во периодот на интензивен раст, пред се се забележува во пожолтувањето на врвовите на листовите, а потоа жолтилото се шири понатаму. За неколку дена, листовите пожолтуваат по рабовите, а листот добива кафеава (смеѓа) боја и изумира. Пожолтувањето започнува од долните листови, а потоа постепено се шири на повеќе делови, додека лисјата на врвот остануваат зелени. Недостатокот од азот се појавува при одгледување на пченка на сиромашно земјиште, после лоши предкултури, при внесување на недоволни количини азотни ѓубрива и во случај на преголема влажност или кај премогу цврсто земјиште. Во такви случаи, веднаш треба да се започне со прихрана или длабоко култивирање, со цел активирање на процесите на нитрификација и создавање нормални услови за развој на корените на пченката.

Недостатокот на фосфор го продолжува периодот на зреење на зрната

При недостаток на фосфор, исто така, се забавува растот и развојот на растенијата на пченката. Подолготраен недостаток на тој елемент се манифестира со кафеаво зелена боја на листовите, кои подоцна добиваат црвена боја, која е најсилна на рабовите и на врвот од лисјата. При недоволна исхрана со фосфор, значително се продолжува периодот на созревање на зрната. Недостатокот на фосфор во цветниот период, предизвикува нецелосно оплодување на женските цветови, формирање на недоволно развиени кочани, со зрна во неправилни редови.

Недостатокот на калциум предизвикува желатинизирање на краевите на младите лисја

Недостатокот на калиум се манифестира со сушење на краевите и врвовите на пченката кои изгледаат како изгорени. Врвот на кочанот има малку зрна, кои се недоволно исполнети и се нишаат. Кореновиот систем е слабо развиен, поради што често доаѓа до налегнување. Недостатокот на калциум се манифестира со желатинизирање на краевите на младите лисја, кои се лепат.

Недостатокот на магнезиум предизвикува пругавост на лисјата

Недостатокот на магнезииум се манифестира со пругавост (појава на ленти) на лисјата. Ткивото на мезофилот, помеѓу спроводните снопови добива светлозелена боја, а ткивото околу тие снопчиња ја задржува темнозелената боја. При голем недостаток на магнезиум, лисјата добиваат кафеава боја и периодично се сушат. Слични симптоми се појавуваат и при недостаток на железо.

Недостаток на манган предизвикува хлороза, а недостатокот на цинк се манифестира со избелување на врвовите

Микроелементите имаат значајна улога во нормалниот развој на пченката, а тоа посебно се однесува на манганот, цинкот и борот. Недостатокот на манган предизвикува хлороза, која на почетокот се појавува, во вид на поединечни одделени пеги на листовите. Тие пеги со растот на лисјата, се слеваат  во поголема површина, чиј среден дел често добива кафеава боја, а ткивото на листот на тие места се разорува и пропаѓа. При недоволно цинк, кај пченката се појавува болест која се манифестира со белеење на врвовите. Исто така, веднаш после никнувањето може да дојде до пожолтување на лисјата, што подоцна преминува во пругаста хлороза со појава на бели и жолти точки. Недостатокот на цинкот, влијае и на процесот на примање на другите хранливи елементи и го нарушува нивниот меѓусебен однос.

 

Валентина Соколовска

за ЗЕЛЕНА БЕРЗА

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close