fbpx
ВестиТоп вести

Последиците од невремето во Преспа ќе се чувствуваат многу  долго

 

Последиците од невремето што ја зафати Преспа, жителите од овој крај ќе ги чувствуваат  многу долго. Предизвикана е голема материјална штета и зададен е голем удар на земјоделието воопшто. Во период од три години овој регион е постојано на удар на природни  катастрофи  кои на мештаните им предизвикува големи  штети.

 

-По доцните  пролетни мразеви од 2017 година кога имаше огромни штети на овошките ова невреме беше капак за земјоделското производство воопшто. Во идниот период без поддршка од општината и Владата на Македонија нема да можеме да се опоравиме уште многу долго, вели Љубе Пампулевски, претседател на Здружение на овоштари „Благој Котларовски“ Ресен. На овоштарниците кои беа директно на удар од силниот ветер со пороен дожд и град нанесени се 100% штети.  Има откорнати овошки кои ветрот ги носел десетици метри, а оние што останале останати им се само искршени гранки. Опустошени се овоштарниците јужно од с. Сливница до с. Долно Дупени,  Крани, Штрбово, Наколец,  Љубојно, дел од Брајчино и Арвати . Има и голема материјална штета, откорнати покриви на куќи, магацини, штали и други објекти, додава Пампулевски. Невремето предизвика и проблеми во електричната мрежа.

Голем број бандери биле урнати така што многу села беа без електрична енергија. Последиците  од невремето жителите од  Преспа ќе ги чувствуваат и наредните години, бидејќи родните пупки  што се формираат во овој период од годината, а треба да бидат на род во наредните години, се уништени.  Очевидци кажуваат дека се случувал вистински хорор. Невремето  што имало најголем интензитет траело 15 минути и зад себе оставало пустош.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски, ги посетија населените места во Преспанскиот регион  што беа погодени од невремето.

-Владата на РСМ ќе ги ангажира сите можни капацитети, од една страна да се проценат штетите дали се тоа на земјоделски производи или објекти, да видиме колкава е штетата, и од друга страна што побрзо да се санираат штетите. Веќе стапивме во контакт со ЕВН за да можат да се оспособи и мрежата,  за електрична енергија да добијат местата каде што поради невремето нема струја, а со тоа и голем дел од населените места да имаат чиста вода за пиење. Ќе се работи интензивно, треба време за да ги санираме состојбите, но државата е целосно на располагање заедно со локалната самоуправа, и граѓаните од преспанскиот регион  треба да бидат спокојни, ќе направиме се за да ја санираме состојбата и дa се проценат материјалните  штетите од невремето, изјави министерот Спасовски.

Министерот Димковски потенцираше дека невремето предизвика големи штети врз земјоделските површини во преспанскиот регион, конкретно кај овошните насади, додавајќи дека МЗШВ веќе работи на мерки преку Програмата за рурален развој за заштита од временски непогоди, како што е авионското засејување на облаците.

-Не само што плодот е уништен, од силното невреме и самите дрвја на овошките се уништени. Ние сме постојна координација со градоначалникот, екипите ќе извршат проценка на штетите. Освен што ќе се прави проценка на принос, односно колкава е штетат на овошките, јаболката, ќе се прави и проценка на основни средства односно колкави се штетите на самите дрвја, и се тоа ќе влезе во елаборатите кои ќе се достават до владина комисија и потоа ќе се види колкава е проценката, рече Димковски.

Советот на Општина Ресен одржа Вонредна седница на која Градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски  ги информираше советниците за ситуацијата на терен.

Ќе бидат формирани комисии кои што ќе вршат проценка на реалните штети и ќе треба редовно да го информираат Советот на општина Ресен.

На вонредната седница одлучено е  Од буџетот на Општина Ресен да се обезбедат парични средства за помош на основните потреби на населението и стручните екипи( вода, средства за хигиена, гориво и сл).

Како што информираат од општина Ресен донесена е одлука за објавување на јавен повик за пријавување на штетите од природната непогода,а ќе отвори и  жиро сметка за донации на средства на оштетените.

П.Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close