fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Потребни се обуки за дигитално описменување на нашите земјоделци

Навиките кај постарите земјоделци за бркање работа на шалтер потешко се искоренуваат. Од околу 98.000 земјоделци кои аплицираат за субвенции, само 10.000 од нив лани аплицирале електронски.

Во речиси сите сфери од општественото делување наголемо се практикуваат дигиталните алатки, а нашите земјоделци преферираат работите да ги завршат на шалтер, очи во очи со административните службеници.

Токму за да се види колкава е дигиталната писменост кај земјоделците „Рурална Коалиција“ во рамките на проектот „Дигитализација во земјоделството – СЕГА“ спроведе  истражување околу тоа колку земјоделците го користат интернетот и модерните технологии како алатка во нивниот бизнис и олеснување на секојдневните обврски. Истражувањето беше направено во 5 плански региони во државата.

-Едно од прашањата беше доста интересно дали поседувате електронска платежна картичка. 96% од испитаниците одговориле со ДА. Но, само 11% од нив истакнале дека плаќаат електронски со таа картичка. Односно најголемиот дел од одговорите биле дека иако ја имаат таа картичка, знаејќи ги можностите кои ги нуди, сепак ја користат најмногу за вадење на пари од банкомат, а дека најголемиот дел од сите други услуги ги вршат на шалтерите, за што и сме сведоци се уште на гужвите, особено пред банките. Е сега, имаше таков дел на прашања каде што прашавме зошто не го прават тоа електронски? Најчесто беше пред се нивната сопствена самодоверба и сигурност во тоа што ќе го впишат. Особено кога ги споменавте субвенциите, ако имате од 96.000 до 98.000 земјоделци кои аплицираат за субвенции само 10.000 од нив минатата година, согласно податоците на Министерството за земјоделство аплицирале електронски, истакна Лилјана Јоноски, извршен директор на „Рурална Коалиција“.

Интересно пак е тоа дека на прашањето колку се сметате себеси за електронски писмени најголем дел од земјоделците се оцениле со 4 или 5.

-Од друга страна пак кога станува збор за субвенции, плаќање на сметки и друго, сепак не се доволно сигурни во себеси за неопходните познавања, за да може да го поминат тој цел процес електронски и токму тука најчесто бараат поддршка и помош од вработените во ПЕ на МЗШВ, додаде Јоноски.

Навиките тешко се искоренуваат

И од Сојузот на земјоделски здруженија на Македонија ги потврдуваат овие податоци, најголема причина е староста кај земјоделците и нивното непознавање на работа со компјутер и интернет.

-Земјоделците се претежно постара категорија на луѓе. Додека пак младите кои се занимаваат со земјоделие сигурно користат модерна технологија, како интернет, разни апликации и имаат лаптоп компјутери, но за жал во нашата држава младите се помалку стануваат земјоделци и се поретко работат земјоделие. Не се едуцирани. Треба некои обуки да се направат за да можат и постарите земјоделци да ја користат технологијата, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

Досега во државата немало обуки од овој тип. Според земјоделците во овие обуки освен МЗШВ треба да се вклучат и банките и другите институции.

-Не се едуцирани, не знаат јазик, многу тешко им оди тоа, немаат ниту доверба во техниката. На шалтер му е подобро, ќе го предаде документот, ќе му удрат печат дека има предадено, а вака нема гаранција, едноставно нема сигурност, рече Злате Даноски, претседател на Здружение на тутунарите од Прилеп-„Мице Козар“.

Земјоделците иако признаваат дека електронски за вршење на некои услуги е полесно, сепак одредени навики кај нашите земјоделците тешко се искоренуваат.

-Преферираме кеш пари да земеме, ни е страв од тие картичките, да не ја заборавиме, па да не ни ја ‘лапни’ банкоматот, па после пак оди во банка. Се тоа по малку не нервира. Но, треба и телевизиите да помогнат. Потребни се организирање на некои кампањи. Многу пати се случува ќе ги предадеш документите, па дополнително ќе ти се јават, ќе ти речат не се комплетни документите, а вака па уште полошо, значи не сме едуцирани за работа со компјутери, кажа Марјан Димкоски, земјоделец од Ново Селани.

-Од модерните технологии јас користам лаптоп од децата понекогаш и платежна картичка со која само вадам пари од банкомат и плаќам со неа во продавници, сметките за струја, вода ги плаќам на шалтер, не сум едуциран за овие електронски работи, потенцираше Петре Макески, земјоделец од Прилеп.

Интересно е да се напомене и тоа дека можеби земјоделците не ги користат новите технологии за е-трговија и е-услуги, но скоро сите од нив одговориле дека имаат профил на социјалните мрежи каде навистина се доста активни околу изнесувањето на нивните ставови за актуелните состојби во земјоделието.

-Сепак одреден дел имаат познавања за постоењето на еден национален портал – uslugi.gov.mk, кој што на едно место ги собира сите услуги кои или целосно или делумно се дигитализирани и ги опфаќа сите институции и на тој портал изминативе години доста се работеше од страна на самите институции во делот на неговата промоција. Е сега тука некаде е околу 50:50, односно 54% не слушнале дека постои ваков портал, но оние кои што знаат за неговото постоење, дел од нив ги користеле и услугите од самиот портал иако е мал процентот. Она што ни беше нас потребно е да видиме за каков вид на услуги најчесто се аплицира. И она што нив им е најпотребно се услугите поврзани со субвенциите или кога аплицираат за програмите за финансиска поддршка, дали е ИПАРД, дали е за рурален развој, од типот дали тоа е извод од матична книга на родените, во однос на нивниот работен статус. Во однос на тоа кога станува збор за правно лице, вадењето за стечајна, ликвидациска, тековна состојба на самиот правен субјект, тоа се дел од услугите кои ги бара оваа категорија граѓани, изјави Јоноски, од „Рурална Коалиција“.

Како позитивен пример за дигитална земјоделска писменост од „Рурална Коалиција“ ја земаат Естонија, земја дури и помала од Македонија, каде што земјоделците ова ниво го постигнале за брзо време бидејќи овој начин на функционирање влегол во законските рамки.

-Но од друга страна ваквиот вид на услуги треба да биде направен на еден лесен едноставен начин, она што ние го нарекуваме userfriendly, односно да може секој лесно да им пристапи и истите да може да ги користи, вели Јоноски.

Од ПЕ на МЗШВ во Прилеп пак велат дека бројот на земјоделци кои ги користат овие алатки секоја година е се поголем и поголем. Тука ја потенцираат можноста преку интернет страницата на Катастарот секој земјоделец да си ја внеси парцелата која го интересира и да провери дали е државна и дали може да ја земе под закуп.

-Што значи тоа? Земјоделците кои имаат информации или таа информација ја добиле преку Катастар или преку нас, дека таа земја е државна, можат слободно да аплицираат за таа КП бројка и ние да дојдеме да му ја дадеме во владение на нивно располагање од 15 години, претходно такви информации земјоделците немаа, истакна Зоран Пачешкоски, раководител на МЗШВ-Прилеп.

Се зголемувал и бројот на земјоделци кои аплицираат за субвенции онлајн преку страницата ipardpa.gov.mk.

-Тој систем е отворен и секој земјоделец може од дома да си аплицира за субвенции. Инаку во Прилеп од 3.500 до 4.000 земјоделци секоја година доаѓаат да пријават субвенции. Според наши информации лани околу 400 земјоделци од Прилепско, сами си аплицирале преку ipardpa.gov.mk, значи тоа е веќе една успешна приказна, рече Пачешкоски.

Засега од страна на државата нема конкретни обуки за земјоделците како да ги користат современите алатки иако тоа било во план. Од „Рурална Коалиција“ велат дека во рамки на проектот планираат во нареден период да се спроведе тренинг на тренери кои откако ќе се обучат, директно на терен ќе им помагаат на земјоделците околу користењето на сите овие е-услуги и како можат овие нови електронски и интернет алатки да им го олеснат секојдневието на земјоделците.

Дарко Штаргоски за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close