Праменка овчеполка – дама со рејбан очила и црни потпетици
Модерна дама со рејбан очила и црни потпетици, вака познавачите ја опишуваат македонската автохтона раса овци „Праменка овчеполка“.
Овчеполката е многу стара раса. Се смета дека потекнува од четвртиот век од нашата ера.
Во Македонија во 1988 година имало околу 2,5 милиони грла, но денес бројката е сведена на 700.000.
Група љубители на сточарството, но и експерти во оваа област, од 1994 година, по стручен престој во САД, почнуваат со реализација на идеја за зачувување на Праменката. Процесот, кој е макoтрпен и сложен, се уште трае.
– На зачувување на Праменката работиме десет години. Од еден член, дојдовме на пет фарми, благодарение на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ). Во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, ги усогласивме сите регулативи со што го озаконивме функционирањето, ги донесовме Правилникот и Заедничката одгледувачка програма во која влегоа сите автохтони раси – и Праменката и говедото Буша и Шарпланинецот. Преку ваквиот систем, законски, првпат во историјата успеавме да земеме субвенции и да ги заштитиме, вели Моме Младеновски, претседател на Здружението на одгледувачи на домашната автохтона раса овци „Праменка овчеполка“ од Крива Паланка.
Поддршка за Праменката се исплаќа од пред две години и изнесува 500 денари по грло.
На фармите кои одгледуваат Праменка, се врши селекција и се води матично книговодство. Од секоја овца се земаат проби млеко трипати годишно и се контролираат квалитетот и количината.
– За девет години успеавме да ја селектираме Праменката според морфолошките карактеристики. Со ДНК анализа потврдивме дека е посебна раса и и ја вративме „душата“ од пред 70-тина години. Воведуваме и матично книговодство во делот ДНК од овните, за да почнеме со издавање педигреа. Точно се знае мајка, татко, баба, дедо, од двата родитела, додава Младеновски.
Здружението моментно брои 18 члена и 4.000 уматичени овци. За одржливост на расата се планира производство на приплодни грла, женски и машки, селектирани и педигрирани. Ќе се одбираат најубавите и најмлечните. Исто така е предвидена и изградба на Центар за обука на овчари и мандраџии на чија акредитација работиме со Министерството за образование. Центарот би опфаќал две до три овчарски фарми каде кандидатите би престојувале по еден месец и би учеле директно, практично.
– Ќе се фокусираме и на производство на јагнешко месо од органско потекло, од органско млечно јагне – така го промовираме како бренд, и со тоа мислиме дека ќе го освоиме не само домашниот, туку и надворешниот пазар. Правевме презентација во Бјеловар, резултатите се одлични. Веднаш почнаа да ни се јавуваат од Хрватска, подвлекува Младеновски.
Тој смета дека една од опциите за зачувување на Праменката е и развивањето т.н. фармски туризам.
– Со активности во оваа насока почнавме лани и преклани. Ги носиме луѓето на планина, таму директно колеме јагне, ако сакаат, а потоа тие сами си го печат, го подготвуваат. Од бавчите берат зеленчук и прават салати. Интерес за ваков туризам постoи и кај домашните и кај странските гости, но проблемот повторно е во инфраструктурата и недостатокот на средства за изградба на сместувачки капацитети. Луѓето сакаат да дојдат на планина, да јадат, да пијат, да уживаат во природата и тишината, да останат недела – две, нагласува Младеновски.
Негов став за развојот на македонското сточарство воопшто, е дека мора да се преземат сериозни, континуирани чекори – водење матична евиденција, воспоставување репроцентри, воведување стандарди за одржливост, брендирање на сирењето и кашкавалот, промоција на фармското производство директно на терен (луѓето наместо во град, да купуваат од фарма), организирање и лобирање… Особено битна е, потенцира, свеста за генетската разновидност, како и посветеноста на создавањето услови за модерен живот во село.
Според Младеновски, главни причини за намалениот фонд овци во земјава се ниската профитабилност и неводењето сметка за селата. Индустријализацијата придонесе за запустување на поголем дел од македонсиките села во кои се чуваа овци.
– Денес, над 400 се веќе без жители или со максимум два-тројца. Скоро никаде по планинските пасишта нема инфраструктура. Некаде се уште нема ни патишта, ниту струја. Дополнителна причина е немањето внимание од општествената заедница да помогне во обука на луѓето – како да ги следат модерните трендови на пазарот. Тука се потребни доста инвестиции, луѓето да ги пребродат транзициите и да се прилагодат кон новите пазарни услови на работење. Тоа се основните причини кои поридонесоа македонското овчарство за околу 30 години да се намали на една третина, истакнува Младеновски.
Претседателот на Здружението на одгледувачи на домашната автохтона раса овци „Праменка овчеполка“ Моме Младеновски, кој воедно е и вработен во Министерството за земјоделство, учествуваше на Тера Мадре Македонија во Битола што го организираше Слоу фуд Македонија од 24 до 26 јуни годинава. Имаше излагање на конференцијата „Биодиверзитет на млеко“, а на посебен штанд го претстави и белото овчо сирење од Праменка.