fbpx
ВестиТоп вести

Прашања, одговори, дискусии и муабетење за актуелни теми на првиот Есенски саем на Зелена берза

Даночните предизвици во 2019 година, легализација на бесправно изградени објекти – фарми, можностите на ИПАРД 2 програмата , економско здружување на земјоделците беа дел од темите на кои денеска во Битола се дискутираше на панел дискусијата „Агро бизнис муабети“. Претставници од надлежни институции говореа за актуелни теми  кои предизвикаа  голем интерес кај земјоделците. Своите дилеми и проблеми со кои се соочуваат ги решаваа со бројните прашања упатени кон стручните лица. Настанот се одржа во рамки на „Есенскиот саем“ што го организира Здружението за едукација на земјоделци Зелена берза во рамки на своите програмски активности. Како што велат од здружението целта е што повеќе информации и совети да стигнат до што поголем број земјоделци, бидејќи само едуциран земјоделец е успешен .

Настанот се одржа со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку програмата за рурален развој.

„Министерството за земјоделство е секогаш отворено за соработка со своите комитенти, односно земјоделците. Мерките што ова министерство ги предлага во последниот период за подобрување на условите во земјодлеството и подобрување на состојбите во целокупниот систем на земјоделско производство се очигледни, тие се многу бројни, затоа сме денес на една ваква средба, непосредно до земјоделците, со земјоделски организации да ги информираме за нашите проекти пред се , а се разбира и да ги слушнеме нивните проблеми со кои се соочуваат тие при извршувањето на своите потреби“, изјави пред самиот почеток на настанот  раководителот на МЗШВ ПЕ Битола, Методија Илиевски кој го отвори настанот.

Советите секогаш се добредојдени. Токму затоа се говореше за хигиена на млеко, ѓубрење и заштита, анализа на почва како предуслов за квалитено производство. Покрај можноста за поставување на прашања кои овозможуваат решавање на бројни проблеми на земјоделците, локални производители денеска имаа можност да ги промовираат и презентираат своите производи. Сирење, кашкавал, урда, овчко и биено сирење, вино, ракија, киселина, мед и други пчелини производи, буковска пипер, беа дел од изложените производи.

Исто така имаше можност и за промовирање на компании чија дејност е тесно поврзана со онаа на земјоделците. Синпекс Битола ја промовираше широката палета на земјоделска механизација, Хоризонти микрокредитирање  својата програма за агро финансирање, СН осигурување можностите за осигурување на земјоделското производство, а Алакалоид Скопје своите производи за ѓубрење и заштита, а Проанализ Струмица зошто е потребна анализа на почва.

Настанот заврши со заедничка коктел дружба и предновогодишни желби за многу успеси во иднина. Зелена берза ги израдува присутните со информациите во најновото издание на списанието Зелена берза што здружението го дистрибуира до сите земјоделци ширум државата.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close