fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп ќе бараат законски да не се увезува тутун додека не се откупи домашниот

Пратениците најавуваат измени на Законот за тутун и производи од тутун во полза на македонските тутунари .

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп – Петар Ристески, Билјана Кузманоска и Дејан Проданоски вчера биле на средба со министерот за земјоделие Цветан Трипуновски, па објавија на Фејсбук дека ќе го исполнат претходно даденото изборно ветување да се направат измени и дополнувања на Законот за тутун,  да не може да се увезува ситнолисен, ориентален тутун додека не се откупи нашето домашно производство.

Според објавата на пратеникот Ристески – на средбата со министерот Трипуновски разговарале за состојбите во земјоделството и предлагање на законски решенија ветени пред земјоделците.

-Договоривме едно такво ветување и да го реализираме на првата наредна седница на Собранието на Република Македонија, а тоа е измени и дополнување на Законот за тутун.
Она што го ветивме на тутунопроизводителите дека ќе го ставиме во закон нивното барање да не може да се увезува ситнолисен,ориентален тутун додека не се откупи и последниот лист тутун од домашното производство!, објави Ристески на Фејсбук. 
Пратеничката Кузманоска пак на својот Фејсбук профил за истата средба објавила некој збор плус. Таа напишала дека средбата со министерот била конструктивна а целта е сигурен откуп, фер цени за тутунарите.
-Разговаравме за тековните предизвици во земјоделскиот сектор, а посебен акцент ставивме на измените на Законот за тутун и производи од тутун .
Нашата цел е јасна подобри услови за тутунопроизводителите, сигурен откуп, фер цени и јасни правила за сите! 
Како пратеници од Прилеп гласно и одговорно ги пренесуваме барањата на граѓаните. Оваа средба е само уште еден чекор во нашата постојана заложба за посилно и поуспешно македонско земјоделство, напиша Кузманоска на својот Фејсбук профил. 
Пратеникот Дејан Проданоски кој воедно е и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп средбата ја оцени како важна работна средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
-На состанокот разговаравме за низа актуелни теми во секторот, а посебен фокус ставивме на реализацијата на предизборните ветувања. Клучна тема на разговорот беше Законот за тутун.
Имавме конструктивна дискусија за предизвиците и можностите за унапредување на земјоделството во нашата земја, објави Проданоски.
Министерот Цветан Трипуновски на Фејсбук не објави ни текст, ни фотографии од средбата со прилепските пратеници.
А.Блажевска
Тагови

Слични написи

Back to top button
Close