Пред Курбан Бајрам во Дебар грло овен до 150 евра
Во рамките на подготовките за одбележување на големиот муслимански празник Курбан-бајрам, дел од верниците, кои тоа може да си го дозволат принесуваат курбан.
Поради тоа деновиве најбаран на пазарот беше добитокот, односно овните, а поретко и телињата. Поради тоа што во Дебар нема сточен пазар, тие се продаваат на неформален пазар во близина на Новата саат кула џамија.
– Поради муслиманската традиција за Курбан Бајрам деновиве почнавме со продажба на овни. Во зависност од тежината едно грло го продаваме од 100 до 150 евра. На продажба имаме над илјада овни. Продажата оди добро и сточарите се задоволни, вели Скендер Аме претседател на здруженито на сточари „Даши“.
Курбанот, според верниците, се коли, ден пред празникот за душа на покојните, додека за здравје на живите првиот ден од празникот, по што месото се распределува на сиромашни семејства.
Традицијата на вековен верски соживот и толеранција, како што потврдуваат верниците, се почитува и при распределбата на месото од курбанот. Тоа значи дека муслиманските верници курбан им даваат и на семејства од православната вероисповест.
Празникот Курбан Бајрам е на 12 септември, понеделник и се одбележува четири дена.
Овој празник се нарекува уште и Аџи Бајрам, бидејќи на светите места Мека и Медина, во Саудиска Арабија, верници го реализираат петтиот столб на исламот а тоа е аџилакот.