Во пресрет на велигденските празници и зголемената побарувачка на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат засилени контроли кај операторите со храна во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на храна. Со контролите се опфатени маркетите, угостителските објекти, специјализираните продавници за јајца, како и месарниците и зелените пазари. Ќе се проверува дали и колку операторите со храна ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната кои се однесуваат на нејзино чување, одржување на ладниот ланец во транспортот и прометот, како и тоа дали означувањето на храната е во согласност со одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за информации поврзани со храната.
Инспекторите за храна ќе вршат контроли и на безбедноста на бојата за јајца која се продава во регистрираните објекти за продажба на храна и на зелените пазари.
Со контролите ќе бидат опфатени и производителите, увозниците и трговците со бои за јајца, односно кај нив ќе се врши проверка дали боите за јајца ги исполнуваат одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за адитивите кои се употребуваат во производството на храна.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме до граѓаните да купуваат храна, вклучително и јајца и бои за јајца исклучиво од регистрирани производители/увозници, која е соодветно означена/декларирана. Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на производството и трговијата со јајца и боја за јајца граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk.