Предложени измени во Законот за земјоделство и рурален развој
Со Законот за земјоделство и рурален развој се уредуваат планирањето на развојот на земјоделството и руралниот развој, целите на националната земјоделска политика, планирање, следење и процена на националната земјоделска политика, партнерство со социјални и економски партнери од областа на земјоделството, мерките за уредување и поддршка на земјоделски пазари, директни плаќања и рурален развој, државната помош во земјоделството и руралниот развој, формите на организирање и здружување во земјоделството и контролата на спроведување на мерките и надзорот над спроведувањето.
Со практичната примена на законот се појави потребата од доуредување на оваа законска материја со што законот во повеќе наврати претрпе измена. Потребата од измена и дополнување на законот настана како последица од новонастаната ситуација.
Имено како корисници на средства согласно постојниот Закон за земјоделство и рурален развој се јавуваат земјоделските стопанства запишани во единствен регистар, други корисници и земјоделски задруги кои средствата ги користат од програмата за финансиска подршка во руралниот развој и програмата за финансиска подршка во земјоделството. Со предложеното доуредување и правно прецизирање на членот се дава можност овие финансиски средства да можат да ги користат земјоделски стопанства и други корисници под услови и начин пропишани во законот. Согласно своите потреби финансиските средства корисниците можат да ги користат и со истите да располагаат само во ситуација кога се подмирени сите обврски кон Министерството за шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Доколку корисниците на средствата истите ги добиле по основ на неточни податоци или ненаменски ги искористиле тогаш се должни примените средства да ги вратат со законска казнена камата. За да се изврши навремена исплата од страна на откупувачите а со тоа да се обезбеди поголема сигурност за производителите на земјоделски производи како и на покрај таксативно наброените услови во законот откупувачите треба да имаат расположливи или обезбедени гаранциски средства со склучени договори со финансиски институции и деловни партнери за навремена исплата на планираните количини за откуп на земјоделски производи и да ги имаат намирено сите обврски спрема земјоделските коперанти за откуп на земјоделски производи од претходните години.
Преработените количини од откупните земјоделки производи од тековната и претходните години откупувачите имаат право да ги користат како залог исклучиво со намена за исплата на неисплатените земјоделски производи. Со предложениот закон производителот и откупувачот имаат обврска пред почетокот на откупот да склучат договор за откуп на земјоделски производи. Субвенционирање на каматна стапка е помош во земјоделството и руралниот развој кој обезбедува полесен пристап за финансирање, финансиски придонес и поделба на кредитниот ризик во смисла на намалувањето на каматната стапка на кредити наменети за земјоделство и рурален развој како примарно земјоделско производство, преработка на земјоделски производи и трговија на земјоделски производи.
Со цел навремен откуп и плаќање кон земјоделските коперанти откупувачите на земјоделски производи кои се упишани во Регистарот од агропреработувачката индустрија имаат право да конкурираат за државна поддршка за доделување на поволни кредити со субвенционирана каматна стапка на годишно ниво .