После државното –  повторно враќање на земјоделството

Во рамничарскиот дел на Прилепско поле на само пет минути од Прилеп се наоѓа с. Мало Коњари. Ова село како и многу други низ нашата држава го следи слична судбина. Некогаш во селото вриело од луѓе, а џагорот на децата бил секојдневие. Денес сликата е сосема  поинаква.  Екипата на Зелена берза го посети  семејството Каралиоски од ова село. Не пречека домаќинката Васе Каралиоска. Ведра, насмеана со мил тон ни посака добредојде. Ни раскажа како некогаш животот на село бил многу тежок и секој сакал да се вработи во државно. Васе ја имала таа среќа да се вработи во државно, но со промена на приликите повторно се вратила на земјоделството, во своето родно место.

„Ако работиш ќе имаш, ако сакаш да научиш, ќе знаеш, ако не,  нема ниту да имаш ниту да знаеш. Никој одозгора не добил. Од работа немам страв и срам . Само од Господ имам страв, од друго ништо, ни рече Васе. Овде сум родена, живеам и овде ќе заминам. Животот овде во Коњари некогаш и денес е многу сменет. Кога бев дете беше многу сиромашен, но како што врвеше времето имаше повеќе. Долги години одев на државно. Земавме јаки плати. Е сега,  немаме плати, ама си работиме земјоделие, додава  таа“,

Домаќинката расположено  ни ја раскажува нејзината приказна, а за тоа време како што носи редот и традицијата, не’  чести со благо и кафе. На масата става чинија со ореви и лешници.

„Земјоделието е лесно во денешно време, Се работи се’ машински. Ако имаш машини не е страшно, денес не е тешко. Ама  ако не е жената, куќата пропаѓа. Се’ работам.  Само што не орам со трактор. Со семејството  садиме тутун 20 декари,  пиперот го имаме на  10 декари, зелка 4 декари. Од ко ќе земиме  леи за расад, за едно за друго ни се бери  уште декар плус. Годинава беше тешка,  градот  не отепа. Родот кај сите култури беше преполовен. Добивме 3% обештетување, но тоа е многу малку. Трошоците пак, допрва ќе следат. Планираме од 10 март да почнеме со работа, со сеидба на пипер, тутун. Да се произведе расад, па од 15 мај на нива. Работите повеќе ги работиме сами  со сопругот. Син ми помага, а за тутунот понекогаш клаваме и аргати, вели Васе“.

И покрај тоа што имаат секаква механизација и значително им е олеснето производството, не се многу оптимисти дека некој ќе ги наследи. Младите се повеќе ги напуштааат своите родни места и заминуваат  по белиот свет барајќи подобра иднина.

„Ние дури сме живи ќе работиме, ама децата не верувам“, вели Васе, додавајќи дека и двете ќерки и се во странство. Младите ретко остануваат. Едни  во Гентерм, други  во Жабени се вработиле, трети во странство и никој не сака да работи земјоделие. Останаа двајца по двајца во куќите, “ објаснува Васе.

Нејзиниот ведар карактер не и’ дозволува да ја надвладее тагата и вели дека има толку многу работа така што нема време за тажни мисли.

Вели дека со добра организација успева да постигне се. Откако рано на утро ќе го испие своето прво кафе излегува на нива и се прибира дури навечер. Не ги запоставува ниту своите цвеќиња во дворот пред куќата. За домашните обврски во домот не треба, да се зборува. Има едно непишано правило според кое се вели дека домаќинлукот најмногу се познава по тоа колку ти е среден дворот. Семeјството Каралиоски  посветило доволно време за тоа да може секој да го забележи.

Вредната домаќинка наоѓа време да си посвети внимание и за себе. Васе тоа знае да го организира при што не ги заборава ниту своите комшивки и пријателки со кои редовно се дружи.  На средбите, со кафе муабет покрај за земјоделските работи, знаат да си поприкажат за други поведри теми. Можеби во последно време поретко, но сепак и за тоа  дали некој се женил или некоја мома се мажила. Сакаат да научат нешто ново и да го споделат. Со големо задоволство  разменуваат некој рецепт од она што некоја од домаќинките го зготвила.

Васе посочува дека уште постојат стереотипи и дискриминација на руралната жена, но дека таа упорно се бори против тоа.

„Руралната жена секогаш е поттурната од градската, но не можат никогаш со нас. И учени и не учени за влакно не му се предаваме. Знаеме се’ да сработиме и по полето и дома. Има многу жени кои работат и се многу успешни во градот, но кога ќе се варатат дома работат земјоделие. Руралната жена прави се’ спонтано и не сака да се истакнува многу. Знае да се носи со се’ и во секакви ситуации. Убава е, знае да се дотера и има манири со што не се разликува по ништо од градската жена. Јас живеам овде и ми е убаво. Сакам да прошетам но пак да се вратам  дома, објаснува Васе“.

Вели дека државата треба да им помогне на младите и да им создаде услови   да ги задржи да не се иселуваат, бидејќи од убаво никој не си заминува.

На заминување не покани повторно да дојдиме на лето  и да видиме како изгледа  дворот, како  е украсен со многу цвеќиња дека и во село може да се ужива.

Павлина Јовановска

 

 

 

 

Share Button