“Прилепските земјоделци го очекуваат целосното обештетување од 3 милиони евра??
Штетата од невремето што на 23 јули годинава ги погоди прилепските села Мало и Големо Коњари, Галичани, Кадино село и реонот на градската населба Варош е проценета на износ од 184.609.144 денари (околу три милиона евра), се наведува во извештајот што го поднесе Комисијата за процена на штети до прилепскиот општински совет, а советниците го прифатија.
Од поднесените 1.315 барања на земјоделците, од Комисијата биле прифатени 1263 барања, а земјоделците од овие населени места во Прилеп сега ќе чекаат на второстепената владина комисија која треба да одговори со колкав процент ќе бидат обештетени.
Од општина Прилеп иако најавија свое учество во надоместокот на штетата, сеуште нема одговор колкаво и во кој процент ќе ја надоместат штетата на овие семејства, на кои во голем број земјоделството им е основен приход за егзистенција.
Штетите кои ги предизвика страшното невреме го уништија речиси целиот род на тутунарите во овие населени места, а погодени беа и површини со жито, пченка, пипер и други култури.
Граѓаните молат да добијат помош и сеуште чекаат на бирократските лавиринти, иако нивната и егзистенцијата на нивните семејства е ставена под знак прашалник.